Смртта на млад скопјанец во Белград ги размрда разузнавачките служби да постапуваат по сознанија кои веќе ги имале одреден период, а тоа е дека неколкумина млади момчиња од Македонија, на возраст од 18 до 22 години, наводно биле регрутирани од криминални банди во Србија.
Неделникот „Фокус“, повикувајќи се на свои извори, пишува дека тоа се младичи најчесто со криминални досиеја или со пороци, како дрога и коцкање. Според изворот на „Фокус“, регрутацијата во Македонија ја вршат двајца посредници, од кои едниот бил позната јавна личност.
„Им се пристапува со понуда за брза заработувачка на голема сума пари – од 20 до 50 илјади евра (A$36,000 – 90,000). Откако ќе влезат во игра прво ги носат во Ниш или Врање, а потоа ги сместуват во Белград каде што добиват обука. Нивна задача е да сторат кривично дело, да застрелаат некого или да постават бомба… и за тоа да добијат голема сума пари, објаснува изворот.
Се работи за меѓусебни пресметки на крининални банди во српското подземје на кои им е полесно да регрутираат странци, за потешко да бидат откриени од полицијата.
Познавачи коментираат дека, за жал, на голем број млади во Македонија (а и регионот) идоли им се лица од подземјето, па на пример се угледуваат на припадниците на мафијата предводена од Вељко Беливук. Веќе подолг период на години во српското подземје се води крвава борба помеѓу двата клана „Кавач“ и „Шкаљаре“ (имиња на села во Црна Гора од каде потекнуваат главешините). Тие спроведуваат меѓусебни безмилосни ликвидации не само во Србија и Црна Гора туку и низ целиот свет (најмногу во Јужна Америка, каде што е „изворот“ на кокаин и хероин).
Српски истражувачки новинари тврдат дека дел од мафиите имаат поддршка од државата.
– Бидејќи криминалците имаат „свои луѓе“ во државните структури, тие брзо дознаваат дали по нив има распишани меѓународни потерници или, пак, се случува иако по нив има распишани потерници дури и од Интерпол, никој да не ги апси. Дури и членовите на клановите што се во судир обично добиваат лажни лични документи, како пасоши, од ист извор во полициите низ регионот. Најопасните криминалци, како по правило, приватно ги обебедуваат државни службеници што работеле или се уште работат во тајните имслужбите за јавна безбедност, вели изворот на „Фокус“ од Србија.
Во последните месеци бевме сведоци дека две момчиња од Македонија учествуваа во неуспешни обиди за ликвидација на криминалните конкуренти.
Од возбуда и промашил
Во средината на август годинава, само што наполнил 18 години, скопјанецот Андреј Танасковски се обиде да го ликвидира 56-годишниот Марко Љубиша со прекар Кан (член на „Шкаљарскиот клан“), во хотелски комплекс „Маестрал“ во Будва. Напаѓачот прво бил на лежалка на околу 20 метри од целта, по што станал и му се приближил од зад грб на Кан. Но, неискуството на младиот ликвидатор ја спасува жртвата од смрт. Кога на растојание од околу 2 метра го извадил пиштолот, Танасковски испукал три куршума и само со еден полесно го ранил Кан во главата.
Потоа избегал по работ на базенот, скокнал преку оградата и продолжил да бега, пишуваат црногорските медиуми.
Ранетиот Марко Љубиша бил преврзан во амбуланта и пуштен на домашна нега.
Полицијата сметаа дека напаѓачот Андреј точно знаел оти Кан ќе престојува во хотелот, па таму се пријавил со лажна српска лична карта на божемен Јован, роден 2006. Го следел неговото движење, чекајќи го вистинскиот момент за напад.
Младиот човек осомничен дека пукал во Кан воопшто не го криел лицето и бил снимен од безбедносната камера на хотелот. Полицијата во Црна Гора има распишано потерница по младиот Македонец кој, според неговиот фејсбук профил, најверојатно е од Скопје.
Го идентификува по ДНК
Македонскиот државјанин, скопјанецот Мартин Сипковски (21), загина во експлозијата што се случи на 1 октомври околу 21:30 часот во стан на улица „Косовска“ во Белград. Како што пренесоа српските медиуми, тој наводно требало да постави експлозивна направа во станот што го изнајмил, а се наоѓал веднаш под стан во кој живеел познат нарко-бос. Мартин, како што се сомнева српската полиција, се нафатил да го ликвидира по нарачка на конкурентски клан (се работи за истата борба до истребување помеѓу црногорските „Кавачки“ и „Шкаљарски клан“). Ден пред експлозијата тој го внел експлозивот – околу 1.5 килограм „пентрит“, што го добил од Филип В. (26), кој пак е уапсен зашто го набавил нелегално и му го предал на Сипковски.
Критичниот ден, на 1 октомври, околу 21:45 часот, Мартин, при обид да ја „спакува“ бомбата, со несмасно ракување ја активирал и се разнел себеси и половина од влезот. Неговиот идентитет бил утврден за време на обдукцијата и размената на податоци меѓу српската и македонска полиција во врска со трагите од ДНК.
Мартин Сипковски во Скопје е неправосилно осуден на затворска казна од седум години за кривично дело „обид за убиство“, па се наоѓал во домашен притвор до решавање на жалбата. Пред судот докажувал дека нема никаква вина, како и дека исказите од сведоците се лажни и преправани. Кусо време пред неговата трагична смрт побегнал во Србија. Во Обвинителството против него се воделе и други предмети.
Неговиот татко, Дејан Сипковски, објави јавно обраќање до македонската јавност во кое тврди дека неговиот син најверојатно бил измамен (со некакви ветувања) да избега во Србија и да го стори тоа што го сторил. „Тој беше измамен, а не криминалец“, рече ожалостениот родител.
Притоа објаснува дека неговиот син бил „бунтовен, како и многу млади луѓе“, но никогаш не бил насилен и никогаш не би направил нешто што би загрозило туѓ живот.
„Имаше детски и пубертетски грешки, но никогаш не бил дел од тежок криминал. Една година беше во домашен притвор во Македонија, во рамки на истрага што од самиот почеток беше сомнителна, бидејќи сите докази укажуваа дека тој не бил присутен на местото на настанот“, наведува таткото.
Тој потенцира дека Мартин не бил првообвинет во случајот, туку подоцна бил вклучен во процесот, додека вистинскиот првообвинет „одамна е избеган во Белград и има сериозно криминално досие“.
„Семејството очекуваше дека со жалбата ќе биде ослободен. Но, пред тоа да се случи, замина во Белград — исплашен, збунет и, како што веруваме, измамен и злоупотребен од луѓе кои ја искористиле неговата доверба и страв“, вели таткото.
Тој додава дека постојат сомнежи оти Мартин бил наведен и наместен, изложен на притисок да побегне во Србија, со лажни ветувања дека ќе може да замине во трета држава.
