Терористички напад на плажата Бондај

Најмалку 11 невини лица загинаа во пукaње што се случи на плажата Бондај во Сиднеј. Пукањето се случи во неделата околу 6:45 попладне, во јужниот дел на плажата каде што еврејската заедница имаше организирана прослава на првиот ден од празникот Ханука. Таму во релаксирана атмосфера биле собрани повеќе стотици семејни луѓе, заедно со децата.

Врз нив двајца напаѓачи за време од цели 9 минути испукале веројатно стотина куршуми од пушки со голем калибар марка „ремингтон“ (какви што може легално да се поседуваат).

Додека напаѓачите како на стрелиште пукаа врз оние што беа собрани за Ханука, илјадници други посетители на Бондај во паника потрчаа во засолниште.

Последниците од овој крвав терористички напад се 11 убиени и 28 ранети жртви, меѓу кои најмалку две деца. Од напаѓачите еден е убиен на самото место а другиот е ранет и задржан. Меѓу повредените има и двајца полицајци.

За жал постои можност бројот на жртви да се зголеми во наредните денови, со оглед на сериозноста на повредите кај дел од настраданите.

На терен веднаш интервенираше полицијата, која има станица на неколку стотини метри од местото на настанот како и службите за итна медицинска помош со десетици амбулантни возила. Додека медицинските лица им даваа помош на ранетите на плажата, полициски службеници ги возеа нивните амбулантни возила со ранетите до болниците низ Сиднеј.

Полицијата веднаш идентификува еден од терористите како Нарвид Акрам и изврши претрес во неговиот дом во југозападната сиднејска населба Бонириг. На паркингот кај Бондај, во неговата кола се најдени импровизирани експлозивни направи. Првичните информации се дека масакрот бил планиран со месеци и дека терористите сакале да ги употребат импровизираните бомби за да предизвикаат што повеќе жртви.

Полицијата овој крвав настан го окарактеризира како грозен терористички напад. Воедно повика на смиреност, да нема одмазднички акции и дека ситуацијата е под контрола со зголемен број на полицајци по улиците.

Премиерот Ентони Албанезе свика итен состанок на Комитетот за национална безбедност на Кабинетот. Властите нагласија дека ниту еден Австралијанец не треба да биде изложен на вакви акти на екстремно насилство, додавајќи дека ваквото однесување, како и фундаменталистичките ставови што го поттикнуваат, се неподносливи и мора да бидат искоренети.

Во тек е обемна истрага која треба да ги расчисти сите моменти пред, за време и по терористичкиот акт.

Додека едниот терорист пука од мовчето покрај плажата, неименуван човек храбро му се нафрла на вториот терорист при што успева да го разоружа

Останати вести