Тина Русева победи на The Voice of Europe – освои најмногу гласови од публика

Талентираната Тина Русева од Македонија победи на The Voice of Europe, откако кон крајот на минататa година „растури“ на The Voice of Germany.

The Voice of Europe е онлајн натпревар на кој Тина се квалификува благодарение на многуте гласови од нејзините фанови и поддржувачи.

Иако не победи во The Voice of Germany, талентот на Тина не остана незабележан и од шесте натпреварувачи кои влегоа во финалето на The Voice of Europe, таа го освои првото место.

Гласањето се одвиваше онлајн, преку Инстаграм, каде Тина успеа да собере над 40.000 гласови во период од 24 часа. Односно како што сподели и самата – има најмногу гласови од публика.

Фановите гласаа со лајк на видео од првиот настап на Тина на The Voice of Germany, кога ја испеа Do it Like a Dude од Џеси Џеј – изведба за која многумина коментираа дека и подобра од оригиналот.

Натпреварувачите добиваа поени според бројот на онлајн гласови, како и поени од жири комисија.

Тина го освои првото место со вкупно 2.000 поени.

„Искрено, верував во тоа што го носам како уметник и се надевав дека публиката ќе го почувствува тоа. Но морам да признаам дека вакви реакции и толкава љубов не можев ни да замислам. Пресреќена сум што мојот настап допре до толку луѓе и што музиката ја направи таа врска меѓу нас.  Знам колку работев за овој момент и ми значи што луѓето го препознаа тоа. Можам само да кажам ‘Фала од срце’“, објави Тина.

Таа е родена во Струмица но со родителите пред десетина години е преселена во Германија. Сега има 21 година и всушност потекнува од музичко семејство – пејачка е и нејзината мајка, додека нејзиниот татко е тапанар. Досега има учествувано во повеќе натпревари и освоено бројни награди, а на 28 февруари заедно со Андријана Јаневска, Ламбе Алабаковски и Елена Андоновска ќе пее на хуманитарен концерт во Диселдорф за семејствата на настраданите во пожарот во Кочани.

Останати вести