Министерот за внатрешни Панче Тошковски изворно го прочита документот што стигнал во МВР од Брисел на 19 ти февруари, од Комитетот за патни исправи на Европската Комисија. И порача дека граѓаните треба да ги знаат фактите и кој им ги создава маките со личните документи.
– Во официјалниот допис по одржаниот состанок на 13.02.2024 година гласи: „Земјите членки на ЕУ изразуваат разбирање за прашањето и волја за надминување на проблемот преку изнаоѓање на практично решение во најкус можен рок. Претставникот на еден од директоратите повтори дека на одржаниот состанок на Комитетот за патни документи било докажано разбирање и флексибилност меѓу земјите членки во однос на техничката природа на прашањето. Со оглед дека само Грција ги известила дека не ги прифаќа пасошите со старото име на државата, во принцип тоа би значело во моментов граѓаните на Македонија можат да влегуваат и излегуваат во други земји членки на ЕУ, но со укажување дека конечната одлука за прифаќање на старите пасоши зависи од секоја земја членка на ЕУ“ – цитираше Тошковски.
Министерот за надворешни, Бујар Османи пред неколку дена изјави дека министерот за внатрешни работи погрешно го интерпретира ставот на Европската комисија за тоа дали во ЕУ ќе се признаваат пасошите со старото уставно име. Нигде не ја спомена Грција, тврдеше дека официјален допис министерството добило само од две држави. Едната е Швајцарија која известила дека ќе дозволува движење со пасошите со старото уставно име. Другата е Босна и Херцеговина која информирала оти нема да ги признава ниту пасошите ниту личните карти со старото име.
Во меѓувреме, министерот Тошковски останува на ставот дека треба да се смени Законот за патни исправи продолжувајќи го рокот на важноста на документите до Нова Година и така да се реши хаосот со пасошите.
– Нека го сменат законот, барам 10 месеци, барам разумност. Само ние го кршиме меѓународно право моментално, само Македонија и Грција – рече Тошковски.
Според него, фотографирани граѓани кои не добиле патна исправа се околу 105.000. Како што рече, тие кои се фотографирани заклучно со деновиве, со сегашната динамика на изработка би ги добиле пасошите максимум за месец и половина.
За вадење нови лични документи има 75.000 нови закажувања за фотографирање, додека во текот на изминатите денови се направени презакажувања за дополнителни 56.000 лица кои претходно имале закажано термин за фотографирање за во јуни, јули или август (тоа се околу 130.000).