„Тргопродукт“ на Заеви доби A$2.1 милион неповратен грант од земјоделската агенција

„Тргопродукт“, најпознатата компанија во сопственост на членовите на фамилијата на поранешниот премиер Зоран Заев, доби неповратен грант од A$2.1 милион од ИПАРД-програмата преку Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Компанијата од струмичко Дабиље, која се занимава со откуп на овошје и зелечук и го поседува брендот “Мама’с“, на 21 април добила исплата од 86.608.249 денари. Оваа сума следува како учество во инвестициски проект и е втора најголема дадена како грант во историјата на земјоделскиот фонд откако се работи со ИПАРД-програми.

– Финансиската поддршка е добиена за набавка на опрема за прием, обработка и преработка на земјоделски производи и опрема за полнење, затворање, пастеризација, пакување и етикетирање на производи – односно 75% ЕУ учество во износ од 64.956.187 денари и 25% национално учество во износ од 21.652.062 денари, се вели во објаснувањето на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

За добиената сума на грантот фирмата “Тргопродукт“ морала да инвестира сопствени пари уште толкава сума.

Годишно агенцијата доделувa околу 500-тини грантови за инвестиции реализирани од правни и физички лица. Пет години од исплатата е рокот по кој сопственикот не смее да ја продаде инвестицијата.

Парите се добиваат за инвестиции како од типот: систем капка по капка, модернизација и реконструкција на фарми, преработка на производи, алтернативно земјоделско производство, пчеларство, но и изградба на хотели во рурални средини и области вон град.

Годишно има и до 90.000 апликанти. Агенцијата за поддршка на земјоделство и рурален развој парите ги исплаќа откако ќе заврши инвестицијата, со која не смее да се започне пред да биде постигнат договорот.

Останати вести