Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во Париз деновиве повторно го одложи ставањето на Охридскиот регион на Листата на светски културни и историски наследства во опасност. Така Охрид и Македонија добија уште една година да се исполнат низа задолженија и да постапат по препораките нотирани во претходните извештаи на Реактивните мониторинг мисии, за што ќе треба до УНЕСКО да достават извештај веќе на 1 февруари наредната година.
Ова е трета шанса да се зачувува на ова природно богатство, коешто се наоѓа на удар на масовна бетонизација, дивоградби и недоволна заштита на езерото и неговата околина.
Ако Општина Охрид нема пари, државата ќе ги урива дивоградбите
УНЕСКО за стасусот на Охридскиот регион веќе со години посочува дека урбаниот развој, недостатоците во просторното планирање, несоодветните интервенции, еутрофикација на езерото, големите инфраструктурни и други проекти – предизвикале сериозно нарушување на клучните атрибути на заптитеното подрачје, што довело до неповратна деградација.
Премиерот Христијан Мицкоски најави дека централната власт ќе ангажира фирма која ќе ги урне дивоградбите во Охрид, а особено оние кои имаат одобрение за реконструкција, а прераснуваат во станбени објекти.
Министерството за транспорт и врски (МТВ) веќе објави тендер за избор на фирма за уривање дивоградби. Како што велат од Министерството, тендерот се однесува само за дивоградби од А категорија во заштитени подрачја.
„Тендерот е објавен за да бидеме спремни за можни ситуации. Ова го правиме затоа што во Охрид за заштитениот дел има дивоградби, па за да има фирма да може да се постапува. Идеја е да имаме спремен тендер да може да се постапува кога ќе има потреба“, велат од МТВ.
Постапката за уривање ќе ја води Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, кој е под надлежност на Министерството за транспорт и врски. Во фокусот ќе бидат дивоградбите долж охридското крајбрежје, кои Општина Охрид со години не ги урива.