Семејствата и роднините на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кoчани, заедно со стотици граѓани во саботата по третпат излегоа на протестен марш низ улиците во градот.
Помина цел месец од трагедијата. Луѓе во црнина, со слики од загинатите деца пешачеа од Паркот на револуцијата кон трговскиот центар, Општина Кочани, полицијата и Основниот суд. Маршот беше насловен „Задоцнета реакција“, а родителите на загинатите рекоа дека полицијата не интервенирала навремено и побараа одговорност.
– Нашите деца беа убиени од алчноста, правдата мора да излезе на виделина, рекоа семејствата на загинатите во трагедијата, која се случи на 16 март.
Дискотеката „Пулс“ ниту еднаш од 2012 година (кога е отворена) до катастрофалниот пожар ниту еднаш не ги исполнувала законските услови за воопшто да работи. Се виде дека затаиле можни процедури, контроли и инспекции (или биле поткупени или оделе по линија на помал отпор). Пожарот на 16 март настана при користење пиротехнички средства на концертот на групата „ДНК“, при што загинаа 62 лица, меѓу кои шест малолетници, а повредени беа 193, од кои 25 деца.
Над 60 лица досега се под истрага за пожарот: сите полициски инспектори, началници и командири кои од 2012 година наваму дале одобрение дискотеката „Пулс“ да добие лиценца за работа од Министерството за економија, сите екс-министри, сите градоначалници на Кочани, сите директори на Пазарна инспекција и на Дирекцијата за заштита и спасување, вработени во министерства, општина… Сите се осомничени за „Тешки дела против општата сигурност“ и „Предизвикување општа опасност“. Две лица се осомниени и за поткуп и немарност.
Ексдиректорите на Пазарна пуштени од притвор, синот на газдата на „Пулс“ доби мерки откако го пуштија од болница
Ексдиректорите на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски-Штраус и Анета Симеска-Димоска се ослободени од куќен притвор, ама останаа без пасоши. Тие се осомничени дека со нивните дејствија овозможиле дискотеката да работи без да ги исполнува сите услови. Прво беа во ефективен притвор, па добија куќен, сега излегуваат на слобода, по одлука на судот во Кочани, а по предлог на Обвинителството.
По излегувањето од болничко лекување, мерки за претпазливост доби и синот на Дејан Јованов – Деко кој е газда на дискотеката „Пулс“.
Во ефективен притвор останува екс министерот за економија Крешник Бектеши, неговите претходници Ваљон Сарачини и Беким Незири остануваат во домашен притвор.
За амбасадорот Дритон Кучи, кој исто така раководеше со ова министерство, изречени се мерки на претпазливост.
Во куќен притвор се и поранешните градоначалници на Кочани, Љупчо Папазов, Ратко Димитриевски и Николчо Илиев.
Истрагата се прошири на пензионирани полицајци – Десет години давале согласност за непостоечки паркинг и пристап при пожар
Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција објави дека истрагата за пожарот во кочанската дискотека се проширува за уште нови седуммина полицајци, а тројца веќе биле опфатени од претходно. Сите работеле во ПС Кочани и СВР Штип. Според информациите на истрагата најголем дел од новопријавените се пензионирани полицајци кои работеле како началници, инспектори и еден командир. Полицајците биле приведени во полициска станица во Скопје, а надлежниот јавен обвинител на судот му предложи да им изрече мерки на претпазливост, односно да се пријавуваат во судот и да им биде одземен пасошот. Сите се осомничени за постапки во доделување на сообраќајни мислења за дискотеката Пулс во минатото, за период од 2012 до 2022 и се товарат за сторување на кривичното дело „Тешки дела против општата сигурност“.
– Како соизвршители не постапиле според прописите за мерките за заштита – не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за Кабаре „Пулс“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир. Со издавањето на согласностите сите заедно му овозможиле на правното лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност, иако истото не ги исполнувало предвидените услови, стои во соопштението на ОЈОГОКК.