Двајцата лидери на најголемите партии во Македонија, Зоран Заев и Христијан Мицкоски се соочија во третиот по ред телевизиски дуел меѓу нив, пак на телевизија “Канал 5“, на кој во фокусот беше пожарот и одговорноста за тетовската ковид болница.
Зоран Заев од позиција на премиер во дебатата повтори дека одговорноста кај владата е голема, но за да ја донесе одлуката за дадените оставки на министерот за здравство Филипче, заменик-министерот Хасани и директорите на тетовската болница ќе ги почека резултатите од истрагата.
– Се работи за министер и заменик-министер за здравство. Во услови на пандемија сработија сериозни предизвици, да се справат со пандемија, со сите предизвици на непознатото, пандемијата сè уште опстојува… Јас го разбирам и го поздравувам етичкиот чин на одговорност, но тука е и одговорноста за она што значи континуитет на системот, одговорност пред сè за она што доаѓа пред нас, затоа што сериозни предизвици допрва ќе има, рече Заев.
Додаде дека никогаш не рекол оти ако има констатирано вина кај Филипче и Хасани нема да ги прифати нивните оставки.
Заев во дебатата кажа дека модуларните болници досега спасија стотици животи како времени објекти за сместување на пациенти, кои се користат насекаде во светот.
– Модуларните болници се според стандардите на Светска банка за времени сместување кои во одреден период спасија стотици животи. Тие беа неопходни за соодветно болничко згрижување на граѓаните во услови какви што предизвика пандемијата, изјави Заев.
Христијан Мицкоски остро се спротивстави на таквите изјави и кажа дека постојат индиции оти електричното напојување го предизвикало пожарот, кое било спроведено без енергентска согласност а влечело многу напон. Но и директна вина постоела поради тоа што било дозволено роднини на пациентите да се грижат за нив. Мицкоски инсистираше дека објектот на модуларната болница во Тетово немал одобрение за градба.
– Што треба да покаже истрагата? Дека нема одобрение за градба и дека е пуштен во употреба без соодветни документи? Што треба германските истражители да утврдат? Па тоа го знаеме. Зошто не покажете барем морална одговорност?, праша Мицкоски.
Тој кажа дека нема да престане да бара одговори се додека нема морална, политичка, но и кривична одговорност.
Двајцата лидери на дебатата говореа и за пописот. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека пописот кој тече во моментов е со многу проблеми бидејќи апликацијата е секојдневно во прекин и не може континуирано да се попишува, додавајќи дека СДСМ и Левица играат заедно игра со пописот и се друго е само за одржување на власта.
Наспроти ова, премиерот Заев рече дека пописот успешно ќе заврши и ќе даде квалитетни информации кои се потребни. Тој им се заблагодари на граѓаните, на професионалците од Државниот завод за статистика и на попишувачите, со кои заедно докажаа дека со почитување на строгите протоколи за заштита од ковид-19 и оваа сложена статистичка операција се извршува квалитетно.
Заев истакна дека дури и оние малубројни граѓани кои одбиваат при првиот обид да се попишат, како и активисти кои повикуваа на бојкот, се попишуваат. Досега се попишани над 1.2 милиона лица во земјата.
Тој потврди дека постојано има сериозни хакерски напади на системот за попишување, какви што во последно време има за сите избори и пописи во светот, но тие успешно и системски се надминуваат. Уверен е дека до крајот на месецот успешно ќе заврши пописот.
На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ ќе ги признае резултатите од пописот, Мицкоски не одговори конкретно.
– Како можеме да признаеме нешто што не сме виделе? Допрва има период кога ќе се вкрстува тоа со базите на податоци. За една година од сега ќе излезат тие податоци. Но, првата контрола ќе бидат локалните избори и фингер принт терминалите – истакна опозицискиот лидер.
На тоа Заев рече дека ВМРО-ДПМНЕ ветиле дека ќе ги признаат резултатите.
Во однос на одржувањето на локалните избори и Мицкоски и Заев на дуелот тврдеа дека нивната коалиција на претстојните избори ќе освои мнозинство од градоначалници и општински совети.
Мицкоски рече дека со воведувањето на фингерпринт апаратите ќе се види реалниот број на гласачи и нивното расположение. Убеден е дека ВМРО-ДПМНЕ заедно со Алијанса и Алтернатива ќе освојат значително мнозинство од гласовите со што ќе се покаже дека власта на СДСМ и ДУИ треба да си оди.
Заев на тоа му префрли на Мицкоски дека ова ќе биде неговиот седми пораз на избори, иако постојано најавува дека само што не победил.