Уапсен врховниот судија Наќе Георгиев, фатен е во моментот додека зема мито

Врховниот судија Наќе Георгиев е уапсен во моментот кога земал мито од 10.000 евра „за да му заврши работа“, односно услуга на обвинет.

„На 20 мај лишен од слобода е судија од Врховниот суд  поради сомневања за сторено кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, соопшти МВР.

Според неофицијални информации од извори во истрагата, тој ветувал олеснителни мерки во судската постапка која се води против екс градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, кој беше повторно уапсен овој пат за шверц на марихуана (првиот пат шверцуваше цигари преку граница со Бугарија). На средбата меѓу Георгиев и обвинетиот бил и човек од правосудството, член на Советот на јавни обвинители. Се работело за договор за признание на вина, т.е. за гаранција од Наќе Георгиев дека за паричен надомест може да помогне во спогодбата да издејствува најблага казна за обвинетиот.

Георгиев наводно веќе извесно време бил под посебни истражни мерки. Неофицијално синот на екс градоначалникот Стојчев, кој одлежува затворска казна, е лицето кое го пријавило врховниот судија. Парите (тие 10.000 евра) биле бележени од полицијата.

Името на Наќе Георгиев со години се провлекува во медиумите  како пример за корупција, но досега постојано беше „перен“ од сета кал.

Како претседател на Апелациониот суд Штип група апелациони судии од овој суд беа разрешени, а за истото несовесно работење за чудо само Георгиев беше поштеден. Потоа претставката против него се најде дополнително пред Судскиот совет, но групата која направи пуч со незаконската смена на претседателката Весна Дамева комплетно го исчисти Георгиев и му овозможи дури да се кандидира за член на Судскиот совет. Тој во меѓувреме (во 2020) дури беше и избран во Врховниот суд.

За да има поголемо влијание се кандидираше и за член на Судскиот совет. Во знак на бојкот поради тоа што му се дозволи таа кандидатура, другите врховни судии го бојкотираа огласот и не се кандидираа за местото, освен Наќе Георгиев. Сам на кандидатската листа, практично тој се самоизбра за член на Судскиот совет (гласачките ливчиња од другите колеги беа со чкртаници, значи неважечки). Но дента кога требаше да даде заклетва во парламентот мораше да се откаже, оти со син му се најдоа пред прекршување на законите. Имено, синот требаше истиот ден да го бираат за кривичен судија, па требаше да остане или таткото или тој. Таткото Георгиев мораше да се повлече од член на Судскиот совет и да се врати во Врховниот суд.

Сопругата на Наќе Георгиев е обвинителка во ОЈО Струмица но тоа не е против законот зашто се забранува сопружници да бидат истовремени во судството или во обвинителството но нема забрана едниот да е судија а другиот обвинител.

Судскиот совет му го одзеде имунитетот на судијата Георгиев, одреден му е 30-дневен притвор

Судскиот совет истиот ден на полноќ свика седница на која одлучи да му го одземе имунитетот на врховниот судија Наќе Георгиев и воедно одлучи да ја одобри мерката притвор што претходно беше побарана од Јавното обвинителство.

„Се одзема имунитетот на врховен судија заради непречено водење на кривичната постапка. Се одобрува барањето за одобрување на мерката притвор за судија на Врховен суд поднесено од судија на претходна постапка на Основниот кривичен суд Скопје. Времено се одалечува од вршењето функција судија на Врховниот суд до правосилно решавање на кривичната постапка“, соопштија експресно од Судскиот совет. Одлуката е изгласана едногласно со 10 гласа „за“. Јавноста беше исклучена од оваа седница.

Судија на претходна постапка потоа му определи 30-дневен притвор.

Група истражители извршиле претрес не само во канцеларијата на врховниот судија во Скопје туку и во куќата Струмица, од каде што е Наќе Георгиев.

Останати вести