Уапсен директорот на Инспекторат за земјоделство со 50.000 евра поткуп, побарал уште толку

Васе Анакиев, директор на Државниот инспекторат за земјоделство е уапсен во полициска акција под сомнеж за барање и примање мито. Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје му одреди 30-дневен притвор.

Во соопштението од МВР се вели дека по наредба на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е спроведена акција и дека на Анакиев му пронашле 50.000 евра под возачкото седиште. Тој побарал 100.000 евра мито за да пропушти во земјата стока која наводно не смеело да влезе во Македонија. 

„На 20.03.2026 полициски службеници од Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал го лишија од слобода В.А.(41) од Кочани и против него до ОЈО за ГОКК е поднесена кривична пријава поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по чл.357 од КЗ.

В.А., во својство на службено лице, директор на Државен инспекторат за земјоделство, со цел стекнување на противправна имотна корист од сопственик на фирма која се занимава со увоз, индиректно преку лице шпедитер побарал поткуп во износ од 100.000 евра, за да изврши службено дејствие што не би смеел да го изврши. Имено, на оштетеното лице му било образложено дека за стоката која што ја увезува има забрана за влез и дека истата треба да се врати, бидејќи не е во согласност со важечките законски прописи и дека претходно од страна на Државниот инспекторат за земјоделство бил изготвен записник. Оваа стока инаку досега повеќе пати била увезувана од страна на истиот увозник без проблеми. Со цел увозот да се изврши непречено, на оштетеното лице му биле побарани 100.000 евра, кои требало да ги предаде во три наврати и тоа во еден наврат износ од 50.000 евра и во два наврати по 25.000 евра.

На 13 март бил одобрен влез за стоката на друг граничен премин, а осомничениот на средба со шпедитерот и оштетениот увозник директно побарал поткуп за одобрениот увоз и за идните увози, при што побарал првата рата од 50.000 евра да му биде дадена најдоцна за шест дена, а останатите две рати во деновите што следат.

Вечерта на 19.03.2026 извршено е примопредавање на предметните парични средства во износ од 50.000 евра како прва рата од побараниот поткуп, при што истите првично од оштетеното лице ги презема шпедитерот, со цел подоцна да ги предаде на В.А.. Кога подоцна истата ноќ шпедитерот се сретнал со В.А. и му ги предал парите, преземени се оперативно тактички мерки и активности и врз основа на издадени наредби извршен е преглед на лице, превозно средство и багаж. При прегледот на патничко моторно возило, под совозачкото седиште, парите се пронајдени и одземени“, објави МВР.

Васе Анакиев за в.д. директор на Инспекторатот за земјоделство беше поставен на 5 јули 2024, непосредно по формирањето на актуелната Влада. Овој случај е особено политички непријатен зашто Анакиев воедно е и потпреседател на Социјалистичката партија на Македонија, која пак е две децении коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Лидер на СПМ е Љупчо Димовски – актуелниот вицепремиер за политички систем.

Токму затоа штетата не е само кривично-правна, туку и политичка. Власта со месеци зборува за ред, законитост и борба против корупцијата, а сега под сомнеж се наоѓа директор на државен инспекторат што треба да врши надзор и контрола во чувствителен сектор. Ова е втор случај во истиот сектор Владата да се судира со кадар поставен од самата неа и обата случаи се еклатантни примери на корупција во македонските институции кои го раководат земјоделието. Првиот беше пред повеќе месеци со митото од 50 илјади евра за кое е обвинет Илија Стоилев (кадар на ВМРО-ДПМНЕ), екс-директор на Платежната агенција за исплата на пари од ИПАРД проектите во земјоделството. Штетата што ја направи Стоилев е голема – замрзнати се средствата што требаше да ги земат земјоделците од европските фондови заради корупцијата со распределбата на парите. 

Најновите сомнежи за криминал кај првиот човек на Државниот земјоделски инспекторат е крајно сериозен проблем ако се знае дека токму Инспекторатот е должен да се грижи за законитоста на работата на институциите од областа на земјоделието и на сите чинители во тој сектор. Ова дотолку повеќе што Државниот земјоделски инспекторат има надлежност да ја контролира и Платежната агенција, институција од каде се исплаќаат годишно од 100 до 140 милиони евра субвенции на земјоделците. А сега тие пари се „замрзнати“.

Останати вести