Украина ја менува ЕУ –се бара гласањебез консензус и Балканот се става на “брза лента“

Случувањата во Украина – руската агресија и последиците од оваа војна кои целиот свет ги чувствува – ги менува нештата во Европската унија која наеднаш се обидува да ги смени работите во и околу унијата. Во Брисел веќе отворено се зборува за укинување на консензусот како начин на гласање, а претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најавува забрзување на процесите со евроинтеграцијата на Западен Балкан.
Белгија, Финска, Франција, Германија, Италија, Луксембург, Холандија, Словенија и Шпанија се земјите членки на ЕУ кои го отворија прашањето за промени во начинот на гласањето во унијата со квалификувано мнозинство, а не како досега со консензус.
Овие девет земји членки бараат примена на квалификуваното мнозинство во заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Во заедничкото соопштение објавено на интернет страницата на Министерството за надворешни работи на Германија се вели дека целта на оваа група е да ја „подобри ефективноста и брзината во надворешно-политичкото одлучување. Наспроти руската агресивна војна против Украина и растечките меѓународни предизвици со кои се соочува ЕУ, членките на групата се убедени дека на надворешната политика на ЕУ ѝ се потребни адаптирани процеси и процедури со цел да се зајакне ЕУ како надворешнополитички актер“.
Во соопштението се повикуваат и другите земји членки на ЕУ да ѝ се приклучат на групата за да се постигне напредок во донесувањето одлуки за заедничката надворешна и безбедносна политика.
На “ГЛОБСЕК“ форумот неодамна одржан во Братислава претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, рече дека војната во Украина е клучен момент за Европа. Во тој контекст таа го претстави новиот план од четири столба за Западен Балкан, нагласувајќи ја одговорноста на ЕУ да ги приближи земјите кои се стремат кон членство во ЕУ „многу поблиску“ до унијата.
Таа посочи дека не е доволно да се чека аспирантите за членки на ЕУ да се приближат кон унијата, туку и ЕУ треба да преземе одговорност за нивно приближување.

-До одреден степен ова е нов пристап за Европската унија: ние не бараме само од нашите партнери да преземат нови чекори кон нас. И ние правиме голем чекор кон нив. Нашата заедничка цел е да го забрзаме нивното патување кон ЕУ. И за ова ја доближуваме нашата унија до Западен Балкан, објасни таа.
Новата иницијатива за поддршка на земјите од Западен Балкан и нивно приближување до Европската унија се базира на четири столба: Приближување до единствениот пазар на ЕУ; Регионална економска интеграција; Забрзување на фундаменталните реформи и Стимулирање на економскиот раст преку зголемување на пристапните фондови.
За фундаменталните реформи таа го истакна градењето независно и ефикасно судство, обезбедување здрави јавни набавки и засилување на борбата против корупцијата.

Останати вести