УНЕСКО: Охрид експлицитно предложен за Листата на светско наследство во опасност

Охридскиот Регион повторно (како и лани) е пред последната линија УНЕСКО да го стави на листата на загрозени светски наследства. Со години оваа тема беше ставана на дневен ред на Комитетот на УНЕСКО и досега постојано беше давана нова шанса на Македонија и Албанија да почнат да ги исправаат регистрираните недостатоци или пропусти. Прашање е дали истото ќе се случи и оваа година бидејќи во нацрт-одлуката се предлага директно впишување на Листата на светско наследство во опасност. За предложената одлука треба да гласа Комитетот за светско наследство на својата 48. сесија, која ќе се одржи од 19 до 29 јули во Бусан, Јужна Кореја. Комитетот на 22 јули може да ја усвои одлуката, да направи измени или повторно да го одложи гласањето.

Центарот за светско наследство на организацијата на 13 јули официјално го објави документот со анализата за состојбата на природното и културното наследство на регионот, а во него се оценува дека заканите за исклучителната универзална вредност на Охридскиот Регион сè уште не се отстранети. Всушност наведени се истите кои опстојуваат повеќе од една деценија што значи дека ништо не е сторено за решавање ниту од македонска ниту од албанска страна.

Сепак, дури и префрлувањето на Листата на загрозени не значи дека Охрид го губи статусот на светско наследство. Тоа е механизам преку кој организацијата официјално признава дека одредено подрачје е изложено на сериозни и конкретни закани. Потоа се утврдуваат корективни мерки, рокови и услови што треба да бидат исполнети за регионот повторно да биде отстранет од листата. Тоа носи засилен меѓународен надзор, почесто известување и дополнителен притисок врз институциите да ги исполнат преземените обврски.

Според оценката на УНЕСКО, напредокот во исполнувањето на препораките останува ограничен, а регионот и понатаму е изложен на сериозни ризици поради слабостите во управувањето, урбанизацијата, дивоградбите, загадувањето и доцнењето на клучните инфраструктурни проекти.

Македонската влада претходно изрази оптимизам дека Охрид ќе го задржи постојниот статус. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека очекува позитивен исход, потсетувајќи дека и во 2025 година сличен предлог бил одложен по интервенција на државите членки.

Кои се забелешките на УНЕСКО?

Најголемата забелешка се однесува на тоа што системот за заштита не функционира како единствена целина. Иако постојат институции, комисии, стратегии и планови, УНЕСКО оценува дека тие не довеле до трајни промени неопходни за зачувување на регионот. Од организацијата се бара управувањето со Охридскиот Регион да биде вистински заедничко и прекугранично, бидејќи подрачјето го делат Македонија и Албанија. Еден од клучните проблеми е и отсуството на целосна Стратегиска оцена на животната средина, која треба да ги покаже кумулативните последици од сите инфраструктурни, туристички и урбанистички проекти.

Особено внимание се бара за големите инфраструктурни зафати, меѓу кои и проектите поврзани со Коридорот 8 (автопат и железница), за кои треба да се утврди дали можат директно или индиректно да влијаат врз заштитеното подрачје. 

Дивоградбите остануваат еден од најголемите проблеми со кои се соочува Охридскиот Регион. Во документот се наведува дека не е јасно дали во извештајниот период е отстранет кој било бесправно изграден објект (само во општина Охрид има 4.847 дивоградби, меѓу кои згради и хотели, а од 456 решенија за уривање ниедно не е спроведено -з.н.). УНЕСКО повторно бара детална анализа на сите нелегални градби и проценка на нивното влијание врз наследството. Објектите што претставуваат закана треба да бидат отстранети или нивното негативно влијание да биде намалено. Како пример за проблемите со спроведувањето на законите повторно се посочува случајот со хотелот во Лагадин. Дополнително, УНЕСКО оценува дека нема напредок со 19 детални урбанистички планови за кои претходно било утврдено дека можат да имаат негативно влијание врз светското наследство. Се бара запирање на нови урбанистички измени додека не заврши целосната стратегиска процена, како и забрзување на подготовката на генералните урбанистички планови за Охрид и Струга.

Посебна загриженост е изразена и за комплексот „Горица 3“ (новоизградениот хотел на Сашо Мијалков). УНЕСКО бара градежните активности да бидат запрени додека не се направат потребните анализи за влијанието врз заштитеното подрачје. Сериозен проблем остануваат и отпадните води и управувањето со отпадот. Проектите за санација и проширување на колекторскиот систем доцнат, а проблемите со отпадните води во Струга сè уште не се целосно решени.

Прогласувањето на Охридското Езеро за споменик на природата и на Студенчишкото Блато за парк на природата е во постапка уште од 2021 година, но сè уште нема јасни рокови за завршување.

Според организацијата, додека туристичкиот и градежниот притисок расте, контролата и спроведувањето на законите не се доволно ефикасни на целата територија.

Македонската влада изрази оптимизам дека Охрид ќе го задржи постојниот статус. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изјави дека очекува позитивен исход, потсетувајќи дека и во 2025 година сличен предлог бил одложен по интервенција на државите членки.

Нов извештај за напредокот треба да биде доставен до 1 февруари 2027 година. 

Останати вести