По само седум месеци откако пратениците од владејачкото мнозинство избришаа 12.000 пензионери од второто покачување на пензиите (првото од 2.500 го добија во октомври 2024 година), оштетените пријавуваат и добиваат случаи во Комисијата за заштита и спречување од дискриминација (КЗСД).
Комисијата вели: „Овие наши 12.000 сограѓани се дискриминирани“, и на Министерството за социјална политика, демографија и млади, на Владата и на Собранието, им дава рок од 180 дена (6 месеци) да ги сменат членовите од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои предизвикуваат нееднаков третман на пензионерите кои не живеат во Македонија, а работеле таму и плаќале придонеси.
Претставките биле поднесени во мај и во јуни, откако парламентарното мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ изгласа измени на Законот и ги исклучи од второто покачување пензионерите кои се иселиле од Македонија. Претходно тие првото линеарно покачување од по 2.500 денари го добија, а од непознати причини, власта одлучи со упад во Законот за пензиско осигурување да вметне одредба „пензиите се исплаќаат на територијата на Република Северна Македонија“ и неоправдано да ги исклучи овие луѓе и да заштеди над 560.000 евра месечно.
Една од подносител(к)ите работела со години во градинката „8 Март“ во Скопје, а сопругот во Македонскиот народен театар (МНТ). Второ покачување не добил ниту еден македонски пензионер кои се отселил во Литија, Република Словенија.
„Овие наши сограѓани не само што се дискриминирани во однос на второто линеарно покачување од по 2.500 денари, туку и засекогаш, т.е. Исклуени се и од предвидените редовни усогласувања двапати годишно, секој април и септември. Овие дискриминирани пензионери можат ја да тужат државата, а ние граѓаните да им исплаќаме отштета, и поради базична грешка: Законските измени стапија во сила на 8 април 2025, а исплатите на второто покачување почнаа една недела порано, на 1април 2025 година“, се наведува во објавената одлука на Комисијата.