Фантастичната приказна на Васко Ташковски

Тивко и ненаметливо, преку сликарските платна, катадневно води дијалог со загадочни и мистични теми, често нуркајќи во морските и езерските длабочини, најчесто пловејќи по небесните пространства. Низ ткаежот на ветришта и бури, на неговите платна земните и мистичните појави ја имаат моќта на една пресликана реалност, таинствена и магиска, а сепак блиска и препознатлива, допадлива и прифатлива. Во делата на овој автор, вљубениците во уметноста препознаваат волшебник на таинственото, фантастичното, мистичното, невозможното.

Васко Ташковски е сликарски феномен, единствен во современото македонско сликарство. Ни се чини како тој божем да допатувал од некоја друга планета и пуштил корења на македонската почва, тука зачнал и се родил, се разгранил во раскошни форми и бои, за да ја збогати нашата национална уметност со нови, досега непознати и чудесни виденија и содржини, ту раскрилени во радосни из­блици, ту во апокалиптично развиорени и заканувачки организми со необични, неодгатливи предмети и појави. Небаре тој во нашиве предели населил нови светови, несекојдневни визуелни значења и визуелни емисии од некои далечни, други светови и небесни тела, но откога ќе ги погледнеме подобро и повнимателно неговите фасцинантни дела, ќе видиме дека тие сепак се волшебни сказни, визии од нашава планета, од животот на земјата, на овој свет, само видени, набљудувани и обликувани со други очи, со поинаков потход, од поинаков агол и визура, од еден длабоко индивидуален и оригинален свет и сензибилитет, што го прави неговото сликарство автохтоно и специфично, како своевидна сликарска планета. Според богатството на темите, сликите на Васко Ташковски обликуваат посебен уметнички универзум, не само во бујните текови на модерната македонска уметност, туку и пошироко, во интернационални рамки.

Во една инспиративна исповед, сликарот ќе каже: „Уште во почетокот имав судири со вкусовите на тие што бараа од мене некое стереотипно решение…“. Подоцна таа своја размисла ќе ја дообјасни и ќе ја заокружи, констатирајќи дека „и покрај сите библиски легенди, нема уметност без фантазија. Со помош на фантазијата создаваме една нова реалност.“

До почетокот на осумдесеттите години во неговите слики наоѓаме многу „црни дупки“, фантастични летала, небаре преземени од детски соништа, потоа рани што крвават, депонии со реа на фрлено и ’рѓосано железо, скапани подови, начичкани метали со ѓаволски сјај и заканувачки стаклени очи, застојани во пресушени корита на мртви реки и езера, мапи на „негостољубиви пејзажи“ и „забранети зони“ до каде што допира само уметниковата фантазија или збунетиот поглед на набљудувачот.

Со појавата на неговиот циклус „Корења и организми“ се раѓаа и нови светови со многу светлина, со многу сина боја и со широк спектар од топли бои „што дишат со живот“. Јазикот на надреалното, на фантастичното во многу варијанти, јазикот на симболите и на непознатото ќе стане негово препознатливо изразно средство, со кое ќе се реализираат основните ликовни елементи во секоја негова слика: цртежот, композицијата, бојата, содржината итн.

Како посебен циклус во богатиот сликарски опус на Васко Ташковски е проекцијата на коњите, кои се негова омилена инспирација, односно ликовен објект и во ренесансната уметност, како во сликарството, така и во скулптурата.

Сликарскиот свет на Васко Ташковски е препоз­натлив, по многу свои елементи чудесно раскошен. Неговата уметност комуницира на општи и универални релации, својствена за автор со автономен свет, вешто обликуван во дела со антологиска вредност. Тоа е свет приемчив, по многу свои карактеристики раскошен, свет на тајни и митски предели, суптилно обликуван, свет од кој се одмораат очите, кој ги успокојува душите на љубителите на уметноста.

Раде Силјан

Останати вести