Фестивалот „Војдан Чернодрински” доби пари колку „Шкупи фест”, за Вевчанскиот карневал ниту денар

„И оваа година Министерството за култура, на чело со министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска, која нема ниту еден ден стаж во културата, покажа дека Годишната програма во голема мера ја користи како алатка за наградување на партиските послушници, гласноговорници и поранешни шарени револуционери“, обвини најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на недостатоците во драмската уметност, од ВМРО–ДПМНЕ наведуваат дека фестивалот „Војдан Чернодрински“ е изедначен со „Шкупи фест” и „Отело” од Гостивар, со што, велат, се девалвираат фестивалите со традиција и им се намалува важноста за сметка на нови и неафирмирани фестивали и проекти.

„Се забележува нерамномерната распределба на средствата, како по бројот на проекти во театрите така и по висината на добиените средства. Исто така, не е поддржан ниту еден македонски драмски текст. Во областа на издаваштвото, јасно се гледа привилегирањето на неколку издавачки куќи со добиени максимален број на десет проекти од десет предвидени, во однос на други издавачи кои низ годините се профилирале како квалитетни“, велат од партијата. Исто така, истакнуваат и дека оваа година Министерството за култура во својата програма не предвидело средства ниту за Вевчанскиот карневал, кој има повеќе од илјадавековна традиција и е еден од најстарите карневали во светот.

“Отсуството за национално чувство може да се види и во програмата за музичко-сценска дејност каде што, на пример, Македонската опера и балет и Македонската филхармонија не предвидуваат музички и музичко-сценски дела од македонски автори, особено од македонски композитори кои се бардови на македонската национална композиторска школа. Истото се забележува и во одобрената програма на МНТ, каде што од три одобрени претстави, само една е од македонски автор“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Најскандалозно, според нив, е тоа што во програмата од национален интерес, нема ниту еден проект кој се однесува на одбележување на најзначајниот јубилеј за Македонија во оваа година, а тоа е 150 години од раѓањето на Гоце Делчев.

Инаку, она што исто така предизвика внимание се и доделените средства на поп-пејачката Аделина Тахири за „унапредување и афирмирање на творештвото и изведувачката македонска музичка уметност“!? А таа во комуникацијата со јавноста на социјалните мрежи користи само албански и англиски јазик, иако е македонска снаа. Максимална сума во музичко–сценската дејност за други корисници доби и албанскиот „Нота фест“ за своето 18. издание.

Останати вести