Од понеделник (5 февруари) Фондот за здравство стапи во штрајк. Од Синдикатот на Фондот за здравствено осигурување при УПОЗ најавија дека сите подрачни единици на Фондот ќе штрајкуваат и ќе ги извршуваат само неопходните работни задачи.
Тоа значи дека само еден вработен во подрачните единици ќе биде задолжен за прием на документи во неопходни случаи, како пријава на малолетно лице како член во осигурување, регулирање на осигурување за хоспитализирано лице и лекување во странство за итни случаи.
Штајкот во Фондот за здравство доаѓа откако од 9 јануари со препорака од Владата се бара намалување на платите од 21 процент (под образложение дека е „усогласување“). Со одлуката се засегнати 831 вработен во ФЗО и ако има намалување на платите, според Синдикатот, 25% ќе добиваат плата со износ под минимална плата, а 25% колку минималната плата. Се пожалија дека по неколку месечни преговори, во декември првпат зеле плата зголемена за 15%, а сега Владата бара платите да им се намалат за 21%.
Нема да има плати ниту за лекарите и медицинските сестри
Со штрајкот запираат и сите исплати од Фондот за здравствено осигурување. Се ближи пресметковниот период за плати во здравствениот сектор, но со штрајкот во ФЗО нема да има кој да ги подготви тие плати, како за болниците во јавниот сектор така и за капитацијата на приватните матични лекари и клиники.