Македонија во четврток (во раните утрински часови во петок по австралиско) против Малта на арената „Тодор Проески“ во Скопје ги почнува квалификациите за Европското првенство 2024, во исклучително тешката група во која е уште и со Англија, Италија и Украина.
Неколку денови пред натпреварот Фудбалската федерација на Македонија и техничкиот партнер “ЈАКО“ го претставија новиот дрес на македонската фудбалска репрезентација. Препознатливото сонце истакнато на градите на фудбалерите на модерен начин ја отсликува енергијата и гордоста на Македонија. Дизајнот на новиот дрес останува верен на македонското фудбалско наследство, додека резервниот дрес во бело-жолта боја е уште една интерпретација на македонскиот дизајн за фудбалерите и навивачите.
Македонската репрезентација добива уште една, трета варијанта на дресови и шорцеви во темна боја која дополнително го нагласува сонцето и националната гордост.
Стилските букви на презимињата и броевите на дресовите се во духот на нашата историја и традиција, со оглед на тоа што се инспирирани од кирилицата.
– Исклучително сум горд што имам привилегија да го носам прекрасниот македонски дрес. Нашиот дрес со сонце е еден од најпрепознатливите и сигурен сум дека ќе биде многу популарен меѓу нашите навивачи, изјави капитенот македонската репрезентација, Стефан Ристовски.
Речиси две години по мај 2021, ФФМ повторно претставува нови дресови. Оние бордо дресови од таа промоција не дочекаа да го видат светлото на рефлекторите на фудбалски терен, затоа што се соочија со масовен бунт од јавноста.
Беше предвечерје на Европското првенство во 2021 година, кога ФФМ шокантно извади дрес во бордо боја, напуштајќи го сонцето, кое со години беше заштитен знак на македонската фудбалска репрезентација. Дресот беше пуштен и во продажба, дури и папата Франциск доби еден примерок, но кај јавноста – не помина.
ФФМ го врати стариот дрес со сонцето да биде официјално обележје, со кое репрезентацијата настапи на ЕП, но скандалот не се заборави. Претседателот Муамед Сејдини се обидуваше со објави на социјалните мрежи да спинува и да се додворува за улога на херој, кој го вратил дресот со сонцето, но од компанијата ЈАКО, која ги изработува дресовите јасно кажаа дека бордо-дресот бил избор на ФФМ.
Тие дресови, сепак, и ден-денес се користат – за тренинг на репрезентативците.
