Хари Кејн ја освои „Златната топка“, Шпанците доминираа во повеќето категории

Хари Кејн е освојувач на „Златната топка“ на „Франс фудбал“ за 2026 година! Напаѓачот на Баерн Минхен доби најмногу гласови во конкуренција на Ламин Јамал, Килијан Мбапе, Мајкл Олисе, Хвича Кварацхелија и останатите светски ѕвезди за најпрестижното индивидуално признание во светскиот фудбал.

Триесет и тригодишниот Англичанец со ова достигнување испиша историја, станувајќи првиот фудбалер од Англија по Мајкл Овен во 2001 година што ја освоил наградата. Свечената церемонија на 70-тото доделување на Златната топка се одржа во лондонскиот „Паладиум“, каде што се собраа најголемите имиња од светот на фудбалот. „Латната топка“ на Кејн му ја врачи легендарниот Роналдо.

Зад ова историско признание стои една од најдобрите голгетерски сезони во кариерата на англискиот напаѓач. Кејн во сезоната 2025/26 постигна вкупно 73 гола на 65 натпревари за Баерн Минхен и англиската репрезентација. Со тоа ја одигра најдобрата сезона во својата кариера, оставајќи зад себе извонреден учинок и на клупско и на репрезентативно ниво.

Ги освои германската лига и куп со Баерн Минхен, како и третото место на Мундијалот со репрезентацијата на Англија.

Во женска конкуренција, „Златната топка“ за 2026 година ѝ припадна на шпанската фудбалерка Алексија Путељас. Таа повторно се најде на врвот на светскиот фудбал, добивајќи го најпрестижното индивидуално признание по третпат во кариерата, со што го потврди својот статус меѓу најдобрите женски играчи во историјата.

Путељас постигна 26 голови и 15 асистенции за Барселона, а ги освои шпанската лига, суперкуп и куп, како и женската Лига на шампиони. Пред почетокот на оваа сезона се пресели во редовите на Лондон сити лајонесес.

Ламин Јамал ја освои „Копа“ – наградата за најдобар млад фудбалер, во конкуренцијата во која беа Пау Кубарси, Ворен Заир-Емери, Ленарт Карл и Јан Диоманде.

Наградата му ја врачи поранешниот освојувач на „Златната топка“, Андриј Шевченко. По примањето на трофејот Јамал скромно изјави дека неговиот соиграч од Барселона и репрезентацијата на Шпанија, Пау Кубарси, повеќе го заслужил ова признание.

Во женска конкуренција признанието ѝ припадна на Викторија Лопез од Барселона. Дваесетгодишната фудбалерка имаше успешна сезона со каталонскиот клуб, во која освои четири трофеи.

За првпат беа доделени и наградите за најдобри тренери во машка и женска конкуренција, именувани во чест на легендарниот Јохан Кројф.

Во женска конкуренција признанието го освои тренерот на Барселона, Пере Ромеу.

Кај мажите, наградата му припадна на селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте, кој ја предводеше репрезентацијата до светската титула по победата над Аргентина во финалето во јули. Меѓу номинираните беа и Винсент Компани, Унаи Емери, Микел Артета и Луис Енрике.

Компани не присуствуваше на церемонијата бидејќи се наоѓаше во болница по здравствените проблеми што ги имаше претходната недела.

Наградата „Лав Јашин“, која се доделува на најдобриот голман во сезоната, во женска конкуренција ѝ припадна на Ката Кол од Барселона.

Во машка конкуренција победник беше Унаи Симон, голманот на Атлетик Билбао и шпанската репрезентација. Тој беше еден од клучните играчи на Шпанија на патот до светската титула, а на турнирот забележа седум натпревари без примен гол и прими само еден погодок.

Меѓу номинираните за наградата беа и Емилијано Мартинез, Давид Раја, Матвеј Сафонов и Јасин Боно.

Букајо Сака од Арсенал ја освои наградата „Сократес“, која се доделува за посебен хуманитарен придонес и активности надвор од фудбалските терени. Признанието го додели нигерискиот музичар Бурна Бој. Во својот говор Сака прочита порака од 14-годишно момче од Руанда, нагласувајќи ја важноста на хуманитарните иницијативи и поддршката за младите.

Барселона беше прогласена за најдобар женски клуб на годината. Каталонскиот тим имаше извонредна сезона, освојувајќи ги Лигата на шампионите, шпанското првенство, Купот на кралицата и Суперкупот на Шпанија.

Во машка конкуренција, признанието за најдобар клуб втора година по ред му припадна на Пари Сен Жермен. Тимот на Луис Енрике повторно ги освои Лигата на шампионите и француската Лига 1, а наградата ја прими минатогодишниот освојувач на „Златната топка“, Усман Дембеле.

Наградата за најдобар напаѓач, која се доделува врз основа на статистичките показатели, му припадна на Хари Кејн во машка конкуренција, додека кај жените победничка беше Мексиканката Шарлин Корал.

Напаѓачот на Баерн Минхен постигна 73 гола за клубот и репрезентацијата во претходната сезона. Кога го одржа говорот по примањето на наградата, публиката во неговиот роден Лондон го поздрави со овации и громогласен аплауз.

Со освојувањето на „Златната топка“ Кејн се приклучи на листата на најголемите имиња во светскиот фудбал. Рекордер е Лионел Меси со осум признанија, пред Кристијано Роналдо со пет, додека Мишел Платини, Јохан Кројф и Марко ван Бастен имаат по три.

Во женска конкуренција, Аитана Бонмати ја освојуваше „Златната топка“ три години по ред, од 2023 до 2025 година, а Алексија Путељас сега се израмни со својата поранешна соиграчка.

Останати вести