Со години кога ќе се споменат хулиганите во фудбалот, прва асоцијација беа англиските хулигани и начинот како на Островот со челичната Маргарет Тачер успеаа да се справат со дивјаштвото во Англија. Постојано се потенцираше „големата победа“, ама очигледно хулиганите не се искоренети. Напротив, хулиганизмот во Англија полека зема замав како во крвавите 70-те и 80-те години од минатиот век.
Според истражувањата во последните неколку години сè повеќе и повеќе се зголемува бројот на апсења на фудбалски навивачи, на и надвор од стадионите за своето дивјачко однесување, физички пресметки, навреди (во прв план расистички).

И дека полека ситуацијата излегува од контрола најава беше хаосот што се случи пред финалето на Еуро 2020 на „Вембли“, а полициската статистика откри поразителни бројки кои предизвикаа сериозна дебата на Островот. Од 1 јули до 31 декември лани, за само шест месеци имало 800 уапсени хулигани поврзани со фудбалските мечеви, а дури 750 случаи на предизвикување на нереди.
Марк Робертс, шефот на британската полициска единица за борба против хулиганите, посочи дека многу голема е загриженоста после овие бројки дека „веројатно се најава и стравувањата стануваат сè поголеми дека нередите, инцидентите и хаосот на фудбалските мечеви на сите нивоа може(би) уште повеќе ќе се зголемат“. Загриженоста е поголема и поради тоа што сè повеќе млади хулигани изникнуваат, по свои нови правила, кои се уште побрутални во однос на легендите од 70-те и 80-те години.
Според статистиката 802-те апсења за втората половина од ланската година е за 47 отсто повеќе од комплетната сезона 2019/20 и убедливо најголем број откако се води оваа статистика на апсења на хулигани, востановена во 2015 година.
Нередите и инцидентите на сите мечеви во англискиот фудбал од Премиер лигата со конференциите е зголемен на 48 отсто, за 14 отсто повеќе од претходната година. За 36 отсто е зголемен бројот на предизвикување на инциденти, со 759 пријави, вклучително употреба на пиротехника, ракети, факели, напади од омраза. Најголем дел од нередите се во Чемпионшип и пониските лиги и тоа со зголемување од над 50 отсто во однос на претходната година.
Тоа што најмногу ја плаши полицијата, ама и комплетното општество е што во 210 инциденти учествувале млади лица до 25 години, а во 2020 бројката била 154, но тоа што е најтрагично во споредбата е што во петгодишниот период просекот е 160 инциденти, за 50 помалку и тоа при поголем број на мечеви.
Поради ова на две третини од мечевите полициското присуство е зголемено и е постојано на „готовс“ да интервенира при хаоси. Во 2020 година, тоа зголемено присуство на полицијата било под 50 отсто.