Црквата „Света Богородица“ во Лешок е една од ретките со трислоен фрескоживопис сликан од 13 до 19 век

Малата црква „Успение на Пресвета Богородица“ во комплексот на Лешочкиот манастир од година во година открива по некоја тајна длабоко скриена под слоевите на фрескоживописот. Стручните лица од Државниот конзерваторски завод, кои работат на истражување и заштита на овој фрескоживопис, секој пат кога работат наидуваат на сé позначајни откритија скриени длабоко под слоевите малтер. Минатата година наидоа на мали фрагменти од првично насликаниот фрескоживопис во црквата, а оваа година открија еден голем фрагмент од првите фрески кои биле насликани, а кои најверојатно потекнуваат од 13. Или 14. век.

-Во оваа црква наидовме на трислоен фрескоживопис, што е прилично ретка појава во нашите цркви. Овој слој најгоре, што сега се гледа, потекнува од 19. век. Тој не е со голема уметничка вредност и беше многу оштетен од влага поради протекување на конструкцијата на црквата. Работиме на негово отстранување, што значи дека со посебна техника го симнуваме тој слој фрески од ѕидот, но тоа не значи дека тие фрески се уништуваат, туку се ставаат на специјална подлога и така можат да се изложат во посебен простор. Под овој слој наидовме на фрески кои потекнуваат некаде од 17. век. Тие се многу поквалитетно направени, ликовно се многу побогати и позначајни, вели за порталот “СДК.мк“ Владо Мукоски, советник-конзерватор за ѕидно сликарство од Националниот конзерваторски центар.
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во пишаните документи првпат се спомнува во 1326 година. Во 1641 била возобновена и живописана, кога е насликан и вториот слој фрески. Во 19. век повторно е живописана, но со фрески од многу послаб квалитет. Црквата во минатото била главна манастирска црква во Лешочкиот манастир. Таа е една од најстарите сочувани цркви во Полошкиот Регион.
Стручната тричлена екипа на Конзерваторскиот завод главната активност ја насочува во олтарниот дел на црквата. Откако е симнат слојот фрески од 19. век, на виделина излегле прекрасни фрески кои датираат од втората половина на 17. век, кога оваа мала црква била обновена. Но, истражувајќи подлабоко, екипата наишла на мали фрагменти од трет слој фрескоживопис, кој најверојатно потекнува од 13. или 14. век, кога оваа црква била изградена.

-Точната датација кога е направен овој најдолен слој фрески ќе ја кажат историчарите. Станува збор за многу постар живопис и ова е една ретка можност да се презентира трислојното сликарство во црквата ‘Св. Богородица’ во Лешок. Тука, на овој поголем фрагмент кој го откривме, имаме претставено делови од некој архиереј. Методите кои сега ги применуваме се иновативни, со што ќе овозможиме да се презентираат и стариот живопис и тој од 17. век. За таа намена направивме еден посебен носач за да може да го презентираме постариот живопис. Тој носач ќе биде ставен на фреската од 17. век, со што ќе може да се види и она што е насликано на фреската од 14. век, објаснува Мукоски за “СДК.мк“.
Конзерваторските работи во црквата ќе траат околу 20 дена. Се работи во фази, во зависност од тоа колку средства се одвоени за оваа намена од Министерството за култура.

-Одобрени ни се минимални средства за оваа намена. Ние веќе неколку години работиме тука и таа работа се одвива во фази. Се надеваме дека овие конзерваторски и истражувачки работи ќе продолжат и во иднина. Проблемот за кој многупати досега сме зборувале е во недостатокот на стручен кадар за оваа работа. Во државата имаме само двајца-тројца советници-конзерватори, па може да се претпостави колку тие луѓе се доволни за целата територија на државата за да го заштитат ова културно наследство. Многу цркви имаат потреба од заштита, а ние со толку малку луѓе не можеме да одговориме на тие потреби. Водата е најголемиот непријател на ѕидното сликарство. Кога ќе настанат оштетувања на ѕидното сликарство, тоа е неповратно, вели Мукоски.

Црквата „Успение на Пресвета Богородица“
во пишаните документи првпат се споменува во 1326 година

Откриена фреска од архирејот Кирил Александриски стара 8 века

Пред неколку денови во делот на олтарот на црквата откриена е фреска на архиереј, за која се претпоставува дека е на Кирил Александриски, но за тоа ќе треба да се произнесат историчарите на уметноста кои треба да го датираат периодот на нејзиното настанување. Во секој случај, станува збор за исклучително старо и вредно сликарство вели Владо Мукоски.
Сметаме дека ова е фреска посветена на свети Кирил Александриски кој во црквите од тој период се претставувал на ова место и во оваа големина. Возбудата од откритието беше навистина огромна. Ова откривање беше како некоја порака од Бога бидејќи за некој ден, на 22 јуни, е денот на кој се празнува Кирил Александриски, и ете тој како да се покажа, како да излезе на светлина, возбудено зборува Мукоски.
Ова значајно откритие беше посетено од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која најави дека ќе се залага ваквите истражувачки активности во наредниот период да бидат финансирани како редовна активност и да не мора секоја година наново да се аплицира за добивање пари за продолжување на работите.
Проекти како овој ни кажуваат дека треба да имаме што повеќе вложувања во културата. Она што сегашниот Закон за заштита на културното наследство не го дозволува е повеќегодишно финансирање. Ние, не само за оваа црква туку и за реконструкцијата на конаците. ќе направиме правно да биде издржано повеќегодишно финансирање за да бидеме сигурни дека овие работи ќе бидат постојано на приоритетна листа и дека ќе се завршат, изјави министерката Костадиновска-Стојчевска.

Останати вести