Шокантна сцена во Тетово: Навивач му удри шлаканица на гостински фудбалер!

Фудбалскиот натпревар во рамките од шестото коло на Втората македонска фудбалска лига меѓу Тетекс и Саса заврши со гостинска победа од 0:2. Во финишот имаше искри на теренот, по еден прекршок и мали расправии, ама вистински шок приреди еден навивач.

Приврзаник на „штофарите“ влета на теренот и ги шокира сите, бидејќи молкум се прикраде од зад грб и му удри шлаканица на противничкиот играч Бошко Ступиќ. Навивачот, откако го удри фудбалерот на Саса, истрча надвор од теренот. Полицијата тргна по него, ама бргу се откажа.

Потоа следеше влез на полициските службеници на теренот, играчите на Саса беа бесни и останаа на теренот уште некое време, пред ситуацијата да се расчисти.

Тетекс јавно се извини

Тетовскиот клуб се извини за овој несакан инцидент и ја осуди постапката која предизвика шок во јавноста.

„Фудбалскиот Клуб Тетекс најостро го осудува инцидентот и воедно се извинува на сите присутни, на официјалните лица, на гостинската екипа, како и на фудбалерот Бошко Ступиќ. Ние, како клуб со голема историја и традиција, имаме организирано голем број на натпревари не само во рамки на натпреварувањата во рамки на ФФМ, туку и натпревари од европските купови, но и натпревари во поранешна Југославија, кога во Тетово гостуваа најголемите клубови на овие простори, меѓу кои и екипите од големата југословенска четворка.

Ниту ние, ниту повозрасните љубители на фудбалот не се сеќаваат на ваков или сличен инцидент, што говори за одличната организација на нашите натпревари. Овој изолиран инцидент е предизвикан од неодговорен гледач, која со овој потег направи голема штета на реномето на ФК Тетекс. Напаѓачот веќе е идентификуван од страна на институциите на редот и мирот и даваме максимална поддршка да постапат според законските прописи на Република Македонија. Како и до сега, така и во иднина ќе се трудиме нашите натпревари да бидат организирани на високо ниво и вакви несакани појави да бидат минато и никогаш повеќе да не се повторат“, гласи соопштението на второлигашот.

Останати вести