Според првичните сознанија, црниот густ доаѓал од пластиката што горела во запалениот објект, а целиот покрив на тие објекти е од азбестни плочи
Просторот на поранешната фабрика за мебел “Треска“ е следедниот за интензивна градба на станбени згради. Веќе постојат проекти и фалеше само да изгори па да се расчисти теренот.
Е, токму еден голем пожар го зафати најголемиот објект во кругот на “Треска“, за чие гаснење беа ангажирани 55 пожарникари со 15 возила.
– Во пожарот беа зафатени повеќе погони, но спречивме тој да се прошири на останатите објекти и станбени згради во близина, информираше командирот на скопската бригада, Ѕвонко Томески.
Причината за пожарот допрва ќе се утврдува но градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска веќе изјави оти има индиции дека пожарот е подметнат.
Граѓанското здружение „О2 Иницијатива“ излезе со реакција по сознанијата дека во пламенот горел и азбестен материјал. Од таму ги прашуваат надлежните служби зошто не следувало предупредување за граѓаните да не остануваат на отворено во близина и да се заштитат со затворање на прозорците? Загрозено беше здравјето на секој жител на Скопје, особено на тие од Центар и Карпош.

Реагираа и сопствениците на околните станови.
– Ние, претставниците на работничките станови кај “Треска“ кои живееме на овој предел, револтирани сме што со години веќе никој не наоѓа решение за нашата безбедност. Не е прв пат да апелираме дека “Треска“ е небезбедно место за живеење, каде многу често доаѓа до пожари, а неодамна испративме и известување до јавноста дека старата фабрика за мебел е еколошка темпирана бомба. Бараме итно решавање на проблемот и конечно урбанизирање на овој дел од градот. Стравуваме дека може да има нови експлозии и нови поголеми пожари, а нашите повици за урбанизација на оваа локација не доаѓаат само поради денешната катастрофа, туку поради сè понеподносливите услови за живот. Како и сите граѓани, и ние сакаме отворени прозори со свеж воздух и зеленило, а не смрдеа, страв од разбојници и живот на депонија, стои во реакцијата.
Густиот црн чад е индикација дека гореле пластични материјали. Но познато е дека комплетниот покрив на сите објекти во “Треска“ е со азбестни плочи (лесонит). При пожарот тие се срониле а со чадот е во воздухот е разнесена голема прашина со честички токму на канцерогениот азбест.
Градоначалникот на Центар Горан Герасимовски потврди дека во кругот на “Треска“ има опасен материјал, азбест, пластики и остатоци од производството кои се штетни по здравјето. Дополнително ќе се врши анализа што се изгорело.
Од Државниот инспекторат се тврди дека во овие денови по пожарот немало зголемување на штетни ПМ честички, единствено присуство на јаглеродмоноксид кој се регистрира при секој пожар. Но мерните станици се оддалечени од местото на пожарот така што не би ни можеле да регистрираат поголемо загадување.