Полициски службеници, по наредба на обвинител, во два наврати на домашна адреса ја барале уредничката на телевизија “Телма“, Весна Јовановска Дојчиновска, за да дојде на распит за вест која всушност воопшто не е објавена на оваа телевизија.
Станува збор за кривична пријава за дело „Предизвкување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна и друга дискриманторска основа“ од член 319 од Кривичниот законик, која Марјан Арсовски ја има поднесено против Љубомир Фрчковски.
Претставници на “Телма“, меѓу кои и повиканата на распит ги контактирале претставниците на Обвинителството и на полицијата поради начинот на повикување на новинари на распит за истраги (а во случајот за нешто необјавено). “Телма“ во допис (со ЦД од вестите како доказ) го има известено надлежниот инспектор на СВР Скопје кој работи по наредба на обвинител на ОЈО-Скопје, дека на спорниот датум (28.02.2022.) воопшто нема таква содржина објавена во вестите коишто ги уредувала Дојчиновска-Јовановска.
Од МВР првично соопштиле дека ќе ја повлечат поканата за распит, но полицајците веќе наредниот ден повторно заѕвонеле на вратата на адреса на новинарката кога член на семејството ја зел поканата.
За случајов ТВ “Телма“ ги информирала и новинарските претставници од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Дури по силниот притисок од здруженијата и јавноста Обвинителството ја повлече поканата за уредничката. ОЈО го констатирало пропустот од надлежниот обвинител кој го водел предметот дека станува збор за техничка грешка, односно дека снимките во пријавата се однесувале на друг медиум!?