Љупчо Палевски – Палчо, креатор, планер, главeн координатор и директен извршител на грабнувањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, е лишен од слобода во Турција, кажа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој одржа вонредна прес-конференција во вторникот доцна вечерта за да соопшти дека Палевски се криел во турскиот град Балкесир и таму е лишен од слобода од турската полиција. Следува процедура за екстрадиција. Македонските институции (Обвинителство, Суд, Министерство за правда, Министерство за надворешни) по итна постапка ги изготвија потребните документи: прво за да се задржи Палчо во притвор во Турција, а потоа и да се помине целата процедура за екстрадирање.
Спасовски кажа и дека е изготвена кривичната пријава против пет лица за грабнувањето и убиството на Ѓорчевска и 74-годишниот Павле Жежовски која е на повеќе од 100 страници.
– Кривичната пријава е против едно лице за грабнување и убиства, против три други за грабнување и соизвршителство при убиство и против едно лице за помагање при грабнување. Од овој момент натаму предметот е во целосна надлежност на ЈО, рече министерот.
Имаше новинарско прашање дали сторителите на двете убиства се секта, а одговорот на Спасовски беше дека и тоа се истражува.
Министерот за внатрешни даде и дополнителни детали од истрагата. Демантираше дека Вања се задушила во багажникот на киднаперите.
– Девојчето не починало од задушување туку од прострелна рана. И на двете жртви им е пукано во главата.
Понатаму, при претресите пронајдени се два пиштола кои треба да се вештачат за да се утврди дали се поврзани со некое убиство. Исто така, ќе им биде направена и парафинска ракавица на притворените за да се утврди дали некој од нив пукал.
Љупчо Палевски-Палчо е поранешен сопственик на градежна компанија („Упа ентерпрајз“), сопственик на неделникот „Старт“ и на локална спортска ТВ-станица, поранешен претседател на градската организација на СДСМ во Скопје… Тој во 2020 година беше приведен на белградскиот аеродром на пат кон Москва, уапсен по потерница на Хрватска за некаков долг од 2.500 евра на негова фирма во таа земја. По осум месеци екстрадиционен притвор, повторно беше пуштен на слобода, по што се врати во Македонија.
По враќањето во Македонија ја основа ја партијата Десна. Беше редовен соработник и водител на поткасти на порталот „Инфомакс“.
На 5 мај годинава, според билтенот на МВР, Палевски бил фатен заедно со уште три други лица како бара злато, а се обидел да го фрли пиштолот за кој имал само дозвола за поседување, не и за носење. Во непосредна близина на тунелот Демир Капија-Јаворица, полициски службеници од полициската станица за граничен надзор „Михајлово“ го нашле пиштолот „валтер“ калибар 9 мм.
Весникот „Вечер“, повикувајќи се на полициски извори забележува дека Палчо бил фатен како бара злато кај демиркаписките тунели со истата банда со која сега го извршил злосторството какво што Македонија не памети.
МВР дополнително ја информираше јавноста дека против Палевски во 2019 година е поднесена кривична пријава за неовластено прислушкување и тонско снимање, а во текот на 2019 година поднесени се прекршочни пријави поради омаловажување на полициски службеник. Во 2020 година е поднесена кривична пријава за недозволено држење на оружје или распрскувачки материи и непостапување според здравствени прописи за време на епидемија. Во 2005 година е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службена положба и овластување и посебни случаи на фалсификување исправа, во 2002 година за лажно пријавување на кривично дело, а во 2000 година за даночно затајување.
Досега е осудуван само условно.
