Љутков: Итно мора да најдеме пари за опрема и за вработувањe конзерваторина културтното богатство

Многу е лоша состојбата во Националниот конзерваторски центар (НКЦ) – и технички и кадровски – и под итно мора да вработиме стручен кадар, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков. НКЦ има надлежност во областа на заштитата на недвижното културно наследство на територијата на 32 општини во државата.

Експертите од областа на заштита на културно наследство со години апелираат дека Македонија е пребогата со културно наследство, но ќе дојде време кога ќе нема кој да го заштити.

Конзерваторката од НКЦ, Ема Петрова, која го води проектот за реставрација на делата од куќата на Лазар Личеноски кажува дека за следната тура која ќе ја добијат годинава (бидејќи се дела во големи формати, а некои се во многу лоша состојба), би требало да се вработат дополнителен број стручни лица кои ќе учествуваат во реализацијата.

– Според проектот треба да се ангажираат надворешни соработници, како што е пракса во светските лаборатории, да се ангажираат млади реставратори. На нашиот факултет имаше смер Конзервација со реставарација, но за жал ниеден од тие дипломирани студенти не е ангажиран. Се разбегаа по светот. Ние ќе одиме во пензија, а занаетот треба да се пренесе на следните генерации. Се укинаа и магистерските студии. Сега да се распрашам, да сакам да најдам млади луѓе, не знам дали ќе соберам едвај 3-5. А, реално, има потреба во сите ателјеа, рече Петрова.

Од другите профили во НКЦ фалат особено архитекти. Фалат луѓе и за конзервација на фрескоживопис, за икони, за археологија, а Македонија е пребогата со повеќеслојноста на културното богатство. Во еден простор може да најдете од антика до денешни артефакти.

Конзервацијата не е титула да се стекне, тоа е занаетска работа со менторски систем.

Министерството за култура во 2013 воведе да се доделуваат лиценци за конзерватори. Така е прескокнат еден цел систем на усовршување. Порано требаа барем 20-30 години некој да стане конзерватор, па виш конзерватор за 10 години, па за 15-20 да стане советник за да може да изработува проекти и да се занимава со посложени ситуации на решавање. Сега тоа го скратија, дозволија да се работи со лиценци, градежна фирма да може да изготвува проект.

– Изгубено е драгоцено време, 15-20 години се занимававме со ново културно наследство, со фејкови и го изгубивме континуитетот на наследување на занатските работи. Ние немаме ни занаетчии, ќе се доведеме во ситуација утре ако побараме пари од Европа за конзервација на некој објект, веројатно и ќе добиваме, но ќе ни фалат конзерватори. Луѓе кои работат фрескоживописи по манастирите и црквите. Ќе отидат во пензија, ќе немаме луѓе кои ќе можат да пренесуваат знаење. Горлив е проблемот, оти секој објект за себе си е приказна, рече поранешниот директор на НКЦ Љупчо Костов.

Останати вести