Џафери изгубен во математика, тврди дека до крајот на март сите што сакаат ќе можат да извадат нови пасоши!?

Техничкиот премиер Таљат Џафери на прес-конференција објави дека до крајот март сите можат да се опремат со нови документи. Тој пресметал дека со динамиката на издавање над 90.000 пасоши месечно, во март сите оние кои поднеле ќе можат да земат документи.

Џафери прочита податок дека од 1 февруари до 29 февруари МВР добило вкупно 123.000 барања за пасоши, од кои изготвени се 95.267 исправи. Според него, ова е показател на динамиката на работа. Исто така примени се 82.235 барања, а издадени се 71.410 лични карти. За возачки дозволи кажа дека 46.210 барања се примени, а изготвени се 39.552.

Оттаму тој ја префрли одговорноста кај граѓаните.

– Имајќи предвид дека има уште 50 дена до изборите, 100-те илјади луѓе што немаат документ, а што се вртат во информациите, со оваа динамика во текот на март месец ќе можат сите да се опремат со соодветни документи, но мора да иницираат барање – рече Џафери.

Новинарите се обидоа да му појаснат дека документите кои што се издадени во февруари се аплицирани уште во декември, но тој се правдаше дека ги објавува информациите како што ги добил од МВР.

А на забелешката на новинарка дека четворица нејзини најблиски роднини од декември месец чекаат да им бидат готови пасошите, премиерот нервозно одбруси:

– Па и кај мене дома има петмина кои немаат пасоши, ама не ни аплицирале (!?).

Останати вести