Министерот за внатрешни Панче Тошковски минатата недела беше најинтервјуираниот во Македонија. Тој апелираше до владејачкото мнозинство „да се одважи“ и да го донесе единственото можно решение на хаосот и агонијата на која се подложени македонските државјани а тоа е со измена на законот во Собранието да се продолжи важноста на старите пасоши до крајот на годинава. Впрочем, тоа решение експресно помина во Собранието за возачките дозволи.
– Ако продолжувањето на возачките и сообраќајните дозволи се утврди дека не е против Преспанскиот договор, тогаш како продолжувањето на важноста за пасошите је!? Само тој што ги издава пасошите ме да ги прогласи за неважечки. Значи тука Грција не може да не спречи. Таа има право да се јави но она што би го направиле за продолжување на пасошите нема да влијае на Договорот. Впрочем, и Грција има незавршени обврски кон Договорот, како што се ознаките по патиштата, укажува Тошковски.
Илустрирајќи го хаосот со патните исправи тој предвидува дека ако не се интервенира со законска измена тогаш ќе следи цела година на негативна атмосфера, а може и подолго.
– Досега се издадени 1.168.095 пасоши со новото уставно име. Според евиденцијата од претходно македонски пасоши со „Република Македонија“ биле издадени на вкупно 1.803.000 државјани од запишаните 2.5 милиона во Книгата на државјани. Значи очекуваме дека треба да се заменат уште 634.984 пасоши а дополнително и лица кои за првпат се јавуваат за патна исправа.
Инаку, за готови пасоши чекаат околу 100.000 од кои околу 60.000 се обработени и одобрени и внесени во рамки на системот за производство и околу 30.000 случаи на граѓани кои се фотографирани но чекаме кога ќе стигне новата пратка обрасци да им се произведат пасошите.
А на располагање заклучно со неделата имаше под 5.000 тип А (на македонски и англиски јазик) и околу 10.000 тип Б (плус со албански јазик), кажа Тошковски.
На прашањето како ќе одат понатаму набавките министерот рече: „Со Господ напред“. Затоа што според договорот рокот на испорака од добавувачот е 180 дена! Тој проблемот е настанат поради лошо планирање и катастрофално менаџирање, како и катастрофална динамика на испорака.
– Според она што сум информиран од службите, се очекува до крајот на месецов да дојде контингент од 245.000 бланко пасоши (од кои најголем дел се ТипА) и уште околу 400.000 до крајот на јуни – почеток на јули. Јас ветувам дека ќе направиме дополнително ангажирање во МВР и месечното производството од околу 50.000 пасоши (имаме само две машини) да го кренеме на 70.000. Но, ќе повторам, се ќе зависи од тоа колку бланко пасоши (обрасци) ќе имаме на располагање. А ќе се потрудам и тука да ја засилиме динамиката, рече министерот.
Порачки за бланко пасоши со новото уставно име биле направени за вкупно 1.750.000 примероци.
– Јас не сум Балтазар, ниту моите луѓе се маѓионичари, единствено што можевме да направиме е тоа – работиме по 13-14 саати дневно и сабота и недела. Јас не можам да работам 300 часа дневно, рече Тошковски и уште еднаш апелираше до пратениците во Собранието. Да се донесе измена на законот и да се продолжи важноста на неистечените пасоши со „Република Македонија“.