Во Арехолошкиот музеј во Скопје отворена е долгонајавуваната и ексклузивна изложба на повеќе од 400 артефакти и мистични откритија од некрополата во Требениште (Охридско), заедно со златните маски кои се наоѓаат во музеите во Бугарија, Србија и во Македонија.
Изложбата, која е резултат на иницијативата на трите соодветни институции од соседството, е органзирана во чест на 100-годишнината од откривањето на некрополата, а со новите технологии за реставрација и конзервација откриени се атрефакти кои првпат ќе бидат претставени на македонската јавност.
По сто години Требениште стана симбол на обединување на трите земји. Првпат заедно, на едно место, се изложени златните посмртни маски, ракавици, сандали и други апликации направени од злато, сребрените ритони, килибарните ѓердани, прекрасните бронзени садови, оружјето, керамичките наоди… кои се ископувани од три држави и поделени во исто толку национални музеи.
Додека ја разгледувате поставката, ги уочувате предметите кои се со исти карактеристики и декорации, па сосема исчезнуваат денешните граници, културниот круг од пред 27 века самиот се затвора. Тоа е зенитот на поставката.
Изложбата ја отвори покровителот, премиерот Зоран Заев, кој нагласи дека раководителите и кустосите на овие институции направиле важен историски чекор за да се прослави стогодишнината од откривањето на првите артефакти од овој археолошки локалитет. Потоа се обрати Горан Санев, директор на Археолошкиот музеј на Северна Македонија.
– Интересот за Требениште сигурно нема да заврши со нашата изложба, ниту пак напишаните научни трудови во каталогот, кој ја следи, рече тој и додаде дека изминатите години тоа се потврдило со многу ситуации кои отвориле нови прашања на кои треба да се даде одговор. По цели сто години со добивањето на првата златна маска повторно се разгори еланот за продолжување на истражувањата на некорополата Требениште, рече Санев.
Директорот на Арехолошкиот музеј истакна дека се потпишани девет договори и голем број гаранции и осигурувања, како и дека уште од почеток иницијативата добила поддршка властите во другите две држави.
– Богатствотото во Требениште: древните гробници, скапоцените наоди од златни маски, сандали, војничка опрема, до бронзени и стаклени садови, нивната врвна уметност – ги обедини националните институции од трите балкански земји – рече директорката на Народниот Музеј од Белград, Бојана Бориќ Брешковиќ.
– За нас, луѓето кои ја составивме оваа изложба, претставува чест што имавме можност да го почувствуваме нештото кое било желба и кое го посакувале многу наши претходници, нешто кое многуте наши поколенија учени музејски работници од Софија, Белград и од Скопје. Можноста да ја реализираме оваа желба претставува огромначест, но, истовремено има и голема тежина, изјави директор на НАИМ при БАН, Христо Попов.
Говорниците, понесени од возбуда, не му оставија простор на преведувачот да го пренесе делот на англиски јазик. Насмевки, меѓусебни кимнувања, сè беше во духот на едно големо помирување.
Од безбедносни причини, присутните во групи влегуваа да ја разгледаат поставката. Нејзини автори се Перо Арџанлиев од Скопје, Вера Крстиќ од Белград и Крсто Чукалев од Софија. За изложбата е подготвен ексклузивен каталог на околу 400 страници, со текстови од 26 автори, музејски работници од нашата земја, Србија, Бугарија, Чешка и од Германија.
Случајно откриена некропола
Некрополата во Требениште е случајно откриена во мај 1918 година. Бугарските војници, при поставување на пругата Охрид-Кичево, oткопувале камења од блиските пунктови, кои како купишта се забележувале по површината недалеку од патот, кога наишле на првите гробни прилози. Така се откриени првите пет богати гробници. Во случајноста пред еден век среќна околност била што пронаоѓачот – бугарскиот полковник Димитар Мустаков, бил и археолог кој во Санкт Петербург завршил археологија паралелно со воена академија. Тој ги истражил првите два гроба од некрополата, а потоа, поради војничките обврски, побарал археолози од Софија да ги продолжат истражувањата. Два месеца подоцна на местото на откритието дошло првото стручно лице, археологот Карл Шкорпил од Народниот музеј во Софија. Тој откопал само уште два гроба.
Од 1930 до 1934 година истражувањата ги продолжил српскиот археолог и филолог Никола Вулиќ. На почетокот, во два наврата открил пет гроба, а во 1933 година го открива последниот „кнежески” гроб. Следната година во северниот дел од некрополата открива уште 9 гроба кои ги нарекува „сиромашни”.
Во 1953 и 1954 година по третпат се вршат истражувања на некрополата Требениште. Овој пат систематските истражувања ги изведува Народниот музеј во Охрид под раководство на Васил Лахтов и Јоже Кастелиц. Тие откриле вкупно 11 гроба. Во 1972 година последен пат се вршени сондажни заштитни и систематски археолошки истражувања на локалитетите Сува Чешма, Три Чељусти и Вртуљка. Тоа се трите локалитети на кои се протегала некрополата. Истражувањата ги спровел Заводот за заштита на спомениците на културата во Охрид, а со нив раководел археологот Владо Маленко.
Дел од изложбата се и наодите од истражувањата кај охридска Горна Порта во 2002, под раководство на Паско Кузман. Меѓу нив е и златната маска.
Изложбата прво ќе се одржи во Скопје, а артефактите во 2020 година ќе бидат изложени во Софија, додека во 2021 година во Белград. Интерес за неа пројавиле и археолошките музеи од Париз, Берлин, Виена и Загреб.

Сите ја гледаме на 500-денарката, а сега и престојува во Скопје
Меѓу сите изложени артефакти вниманието на јавноста најмногу го привлекуваат четирите златни посмртни маски т.е. ликовите на непознати владетели втиснати во златна фолија чиј одраз нè одушевува веќе еден век. Од нив најрепродуцирана и најпозната е, секако, златната маска откриена во гробот IX. Тоа е маската претставена на банкнотата од 500 денари. Најдена е во гроб на женски покојник и засега е единствената златна маска откриена на локалитетот која ѝ припаѓа на благородничка, за разлика од останатите три златни посмртни маски кои им припаѓаат на требенишките владетели.
Посмртната маска е висока 18.5 и широка 17.5 сантиметри. Изработена е од златна фолија во техника на исчукување и по рабовите е украсена со т.н. осумки кои се меѓу најпрепознатливите декорации за требенишката некропола. Оваа маска и наодите од останатите шест богати гробови што ги открил проф. Вулиќ денес се дел од збирката на Народниот музеј во Белград и за големиот јубилеј првпат се на изложба надвор од таа установа. Покрај неа, во белградскиот музеј се чува и маска најдена во гроб VIII.
Другите две златни маски, откриени во гробовите I и V, денес се дел од збирката на Националниот археолошки институт и Музеј во Софија. Сите четири маски потекнуваат од 6-тиот и почетокот на 5 век п.н.е.


