Иако ВМРО-ДПМНЕ во партиско соопштение рече дека ќе го остави СДСМ да проверува ако сака и 2 милиона гласачи, мнозинството во ДИК одлучи теренската и административна проверка реално да се сведе на околу 100 илјади. Членот на ДИК од истата партија, Силвана Бонева, истакна дека со ова се става крај на приказните на опозицијата за некакви фантомски гласачи во избирачкиот список.
ДИК едногласно го усвои извештајот од експертската вкрстена анализа на базата на податоци на МВР со податоците од 10 институции. Ама не првичниот извештај, според кој “нејасни” беа речиси 500 илјади гласачи, ами повтореното вкрстување од кое сомнителни или неконзистентни се околу 330,548 гласачи.
Првичниот извештај на експертското вкрстување на податоци од 10 бази за мнозинството во ДИК беше неприфатлив, па по сугестија на членовите од ВМРО-ДПМНЕ беше побарано ново вкрстување: наместо да се тргне од Книгата на државјани на РМ, која има околу 2.4 милиона лица, да се тргне од базата на МВР која има 120,000 лица помалку. Повторената процедура даде намален број на “неконзистентни или сомнителни записи”.
ДИК понатаму требаше да реши за кои и колку избирачи ќе се прави проверка на податоците. Оваа седница во саботата вечерта исто така беше тензична, особено откако претставниците на СДСМ, Игор Милев и Виолета Дума, ја напуштија кога се решаваше за проверка на 124,027 лица. Членот на ДИК од ДПА, Бедредин Ибраими, наведе дека „комисијата нема да биде исполнувач на желби на ниту една партија”, мислејќи пред се на СДСМ.
На крајот сепак е постигнат некаков резултат:
Нема да има проверка за 124,000 кои се претпоставува дека се иселени (освен кај МВР ги нема во другите спроедбени бази на податоци и во најголем број веројатно се од албанската етничка заедница). Според повеќето членови на комисијата тоа не е доволен аргумент да бидат подложни на теренски проверки.
Проверка ќе се спроведе за 100,440 спорни гласачи, од кои 62,837 лица најпрвин ќе бидат административно проверени, па потоа и теренски. ДИК ќе одлучи за колку од нив ќе треба да има теренска проверка.
Само админстративно ќе се “чешлаат” 35,859, додека пак 7,345 станови и куќи во кои има над 20 запишани гласачи ќе бидат предмет на друга седница.
За 21,807 запишани постојат сомнежи дека се можеби починати.
Меѓународната заедница има доверба дека крајниот резултат до кој ќе дојде ДИК по спроведувањето на целиот процес на пречистување на Списокот, ќе биде неспорен.
“Не можам да го коментирам бројот на спорните гласачи, но ние имаме доверба во ДИК и даваме целосна поддршка. Методологијата што ја воспостави ДИК е многу комплексна, а ние целосно ја поддржуваме. Се поставува проблем со рокот. Бројот што произлегува од вкрстените проверки е многу голем за да бидат изведени теренски проверки, кои треба да уследат”, изјави Лоренс Оер, амбасадорката на Франција во РМ.
Во првичниот извештај, подготвен од ИТ-техничарите ангажирани од ДИК, се појави бројка од 495.258 илјади гласачи кај кои има несовпаѓање на податоците. Над 371,000 од нив имаат валидни документи, ама речиси 124,000 се без валиден документ.
192 илјади се сметаат за фантомски, бидејќи се појавуваат само во базата на МВР, а ги нема во евиденциите на другите десет институции.
И лидерите на најголемите политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, излегоа со спротивставени ставови околу проблематиката со Избирачкиот список.
СЕКОЈА ПАРТИЈА “ДАЛА” ПО 4 ИТ-ЕКСПЕРТИ ЗА ВКРСТУВАЊЕТО НА ПОДАТОЦИТЕ
“Сите претставници испративме и ИТ-техничари да работат на прочистувањето на Избирачкиот список, По 4 од секоја од четирите партии и 1 од странство на чело на целиот тим. Беа избрани три компании, две од Македонија и една од странство да го направат тоа што значи вкрстена анализа или споредба на базите. И на крајот дадоа конзинстетни и единствени податоци. Впрочем, ДИК гласаше заедно со консензус за сите 31 прашања на кои се правеше вкрстената проверка, а на коишто граѓаните ги видоа одговорите”, појасни Зоран Заев.