11 планинари на грб однесоа стакла на Титов врв за уништените прозорци на планинарската кула

Единаесет планинари од друштвата ПК „Аргентус Монт“, „Х20 Скопје“, ПК „Тетово“ и ПК „Копанки“-Битола се јунаци на планинарската сезона, откако на највисокиот врв во МКД – Титов врв (2.747 метри надморска висина) – однеле дванаесет стакла за да ги обноват прозорците на кулата кои лани во декември 2022 беа вандализирани од непознати сторители.

Зија Јонузовски, еден од најпознатите планинари во земјата и секретар на ПК „Аргент Монт“ вели: „Дванаесет пластични стакла се обезбедени со донација на Назиф Изаири од Боговиње. Со теренско возило на планинарот Али Ислами од ПК ‘Тетово’ стаклата се однесоа до кота 2.445 метри надморска височина. Потоа од таму до врвот ги носевме на грб. Трошоците за други материјали, алати, шрафови, надомест за гориво се од Федерацијата за планинарски спортови. Со претходни акции сите отпадоци од вандализмот се очистени. Преостанува со следни акции да се очистат опожарените и зачадени ѕидови со специјални средства. Искршените делови од патосот на вториот кат се заменети со нова шперплоча и има нови алуминиумски фолии.“

Планинарите апелираат во иднина да не се оштетува кулата, да не се пишуваат графити затоа што веќе е препознатлив објект кај планинарите од цела Европа.

Планинарската кула на Титов врв од 2021 година е внесена во Европската електронска мапа на планинарски заслони и лесно се пронаоѓа преку современите мобилни апликации. Оваа кула знае да биде и од животен значај за многу планинари, особено во зимно време кога временските прилики се менуваат од час во час на овој највисок врв.

Останати вести