Пред споменикот на Гоце Делчев, во дворот на катедралната црква “Св Ѓорги и Пресвета Богородица” во Епинг, минатава недела по традиција Македонците се собраа да му оддадат почит на празникот Илинден и за сите што се бореле за слободна Македонија.
Прославата започна со литургија во МПЦ “Св. Ѓорги и Пресвета Богородица”, а потоа пред споменикот одржаа панахида за паднатите борци отец Ефтим Бетински и игумен Гаврил.
Програмата ја водеше Васко Настевски, а пригоден говор за значењето на Илинден одржа претседателот на општината за Мелбурн и Викторија Мирчо Ангеловски.
– 115 години подоцна, ја славиме честа и храброста на оние кои се бореа и загинаа за слободна, независна, и суверена Македонија. Ние исто така ја прославуваме 74-годишнината од Антифашистичкото собрание за народното ослободување на Македонија, познат како АСНОМ.
Македонската Православна Општина за Мелбурн и Викторија ги поттикнува македонските славеници во светот да се запамети дека се уште има Македонци кои допрва треба да ги почуствуваат слободите на едно демократско општество и своето признавање како Македонци, кои многумина од нас ги уживаат.
Имаме должност и обврска да им помогнеме на нашите сестри и браќа да ги постигнат основните човекови права. Македонците во Австралија стојат обединети и единствени во одбрана на името на државата Македонија и идентитетот на македонската нација.
Оотфрламе секаков ултиматум за промена на уставното име Р. Македонија, промена на јазикот, културата и историјата на македонскиот народ.
Го повикуваме Светиот Синод на МПЦ веднаш да ги прекине сите барања за МПЦ да стане подредена гранка на која било друга православна црква. Секое признавање на МПЦ од други православни цркви мора да биде само врз основа на рамноправност и взаемна почит под нашето вистинско име, Македонска Православна Црква, и како една и единствена легална и легитимна канонска наследничка на древната Охридска Архиепископија.
–Дојдено е времето за помирување и обединување, бидеќи само така ќе бидеме посилни и ќе можеме да продолжиме да се бориме и да се избориме за своите права и национални интереси, рече Мирчо Ангеловски.
Потоа пред споменикот на Гоце Делчев се положија венци во име на: Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија, лабуристичката парламентарка Бронвин Халфпени, либераланата парламентарка Инга Пеулиќ, советникот на општина Витлси Рики Киркам, КУД Светлост, пензионерското друштво на Св. Ѓорги, Македонското добротворно друштво MCWA.
Одбележувањето на празникот продолжи во Херитиџ рецепција, каде за присутните беше приреден свечен ручек.
Претставници на владата и опозицијата на Викторискиот парламент парламентарките Бронвин Халфпени и Инга Пеулиќ кои присуствуваа на свеченоста дадоа пригодни говори пред присутните.






