115 години од смртта на Гоце Делчев, најголемиот револуционер и идеолог за независна и самостојна Македонија

“Македонија им припаѓа на сите Македонци, без разлика на религијата, нацијата и јазикот”, „Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народите”,

„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови, како македонскиот”, – ова се само дел од цитатите на најголемиот македонски револуционер, деец на Македонската револуционерна организација, апостол, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно национално-ослободително движење кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, Ѓорѓи (Гоце) Делчев.
И после 115 години, Македонија го слави највлијателниот револуционер за самостојна македонска држава, роден во Кукуш на 4 февруари 1872, и трагично загинат во село Баница, Серско на 4 мај 1903.
Делчев е плод на својата епоха, кој го положи својот живот за стремежот на македонскиот народ за слободна и независна државност. Израснат со идеите и искуствата на европските и балканските револуционерни демократи, тој целиот свој живот го посвети на македонската ослободителна револуција. Како просветител и револуционер, идеолошки и воен лидер, Делчев е еден од најголемите револуционери кои ги познава Македонската историја, во борбата за самостојност и државност.
Школуван во Кукуш, Солун при Гимназијата “Св Кирил и Методиј”, како и при Военото училиште во Софија, Делчев се смета не само за револуционер во македонското ослободително движење, туку и за револуционер во научниот опсег на македонскиот народ, кој при размена на литература со социјалистичка содржина, ја осознал материјата и ширел преку социјалистичките кружоци, поради што честопати бил казнет со исклучување од образовните установи и лишен од правото на офицерски чин.
Додека образованието му помогнало да ја согледа поробената положба на македонскиот народ, со верување дека “Е неопростиво за нас, издигнати духовно повисоко, да трпиме и чекаме други да не ослободуваат,” Делчев ја основа македонската внатрешна револуционерна организација. Неговата амбициозност во духовното будење и издигање на македонскиот народ преку својата учителска дејност, како и на неговата борбеност во организација на револуционерно движење и отпор против окупаторот водени со помислата дека “Нема зошто да губиме вера во иднината…во нив се крштаваме и ние и народот,” се начела на кои во голема мера ја должиме слободата која ја уживаме денес.
Во чест на заложбата и жртвата која Гоце Делчев несебично ја има положено за слобода и независност на македонскиот народ, Македонската Дијаспора го памети, негува и слави неговото дело.

Останати вести