Сто и шеснаесет години од загинувањето на Гоце Делчев

Во Мелбурн минатава сабота, според воспоставената традиција, пред споменикот на Гоце Делчев во дворното место на “Св. Георгиј и Пресвета Богородица” во Епинг, беа одбележани 116 години од смртта на македонскиот апостол и револуционер кој во 1903 бил убиен од турска војска во селото Баница, на пат кон Сер.

Панихида одржаа о. Ефтим Бетински и игумен Гаврил, а за делото на Гоце Делчев говореше претседателот на општината господин Мирчо Ангеловски.
Во својот говор Мирчо Ангеловски потсети дека моштите на Делчев се пренесени во Скопје во 1946 година, според аманетот запишан на неговиот саркофаг: “Да бидат положени во главниот град на независна Македонија”. Тој притоа потсети и на неколку мисли од Гоце Делчев кои и во денешно време се многу актуелни како: „…Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има и народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија…”
Во едно писмо до Никола Малешевски Гоце Делчев има исто така напишано: „Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови, како македонскиот”.
– Коските на Гоце Делчев во престолнината на Република Македонија, Скопје, сигурно се превртуваат од последните владини одлуки каде се менува се што е македонско и се задушува последната издишка – идентитетот, токму поради предавствата на своите синови. Несомнено Гоце беше и се уште е најголемиот револуционер, апостол, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно национално ослободително движење на Македонија. Гоце го положи својот живот за слободна и независна државност, како и многу други револуционери, и откако таа државност делумно се оствари во мал дел на Македонија, се направи духовно и национално будење, се изградија јаки темели за иднината на државата, но се родија и изроди кои по секоја цена сакаат да ја уништат самостојноста на државата… страдањата продолжуваат, рече Мирчо Ангеловски.
Потоа претставници од следните организации положија свежи цвеќиња и венци пред бистата на Гоце Делчев: Македонската православна општина за Мелбурн и Викторија, Пензионерската група од Епинг, КУД “Светлост”, Австралиско-македонски комитет за човечки права, Македонската православна општина за Џилонг, Македонско-австралиска правослана црква “Успение на Пресвета Богородица”, Битолското социјално друштво, Скопското социјално друштво и поединци.
По свеченоста, МПОМВ приреди топол прием за сите присутни во помошните простории на црквата.
Великанот Гоце Делчев е роден во Кукуш, Егејска Македонија. Тој е идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно национално ослободително движење во крајот на XIX и почетокот на XX век. Бил рожба на својата епоха, го изразувал стремежот на македонскиот народ за ослободување од отоманското ропство.
Школуван прво во Кукуш, потоа во Солун при егзархиската гимназија “Св Кирил и Методиј”, како и во Военото училиште во Софија, Делчев се смета не само за револуционер во македонското ослободително движење, туку и за револуционер во научниот опсег на македонскиот народ, кој при размена на литература со социјалистичка содржина ја осознал материјата и ширел преку социјалистичките кружоци, поради што честопати бил казнет со исклучување од образовните установи и лишен од правото на офицерски чин.


Останати вести