Со положување цвеќе на вечното почивалиште на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје и со одржување панихида, на 4 мај 2026 беа одбележани 123 години од смртта на македонскиот револуционер и борец за слобода. Почит на гробот на Делчев оддаде владината делегација предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заедно со вицепремиерот Љупчо Димовски и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. Почит оддадоа и собраниска делегација, политички партии, здруженија на граѓани кои го носат името на Делчев, Сојузот на борци, Армијата, како и градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски. Меѓу присутните беа и бројни граѓани.
Беше одржана и панихида, молитвен чин за покојните, на која се обрати поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан.
– Секогаш кога го спомнуваме името на Гоце тоа не го правиме само како израз на спомен и благодарност, туку и како прифаќање на неговите вредности како македонска рожба. Светот и денес има потреба од луѓе како Гоце, Македонија и денес има потреба од херои како него – личности со љубов кон сопствениот народ и со почит кон сите народи. Има потреба од луѓе кои нема да се плашат да застанат против неправдата и кои нема да дозволат да бидат водени од омраза, рече поглаварот на МПЦ-ОА.
По свечената богослужба премиерот Мицкоски рече дека сè уште постојат земји членки на Европската Унија кои не ги почитуваат и не ги спроведуваат вредностите на македонскиот револуционер.
– Имаме такви земји кои го негираат идентитетот на македонскиот великан Гоце Делчев и македонскиот многувековен идентитет. Во 21 век македонскиот народ сè уште се соочува со овие предизвици со кои не би требало да се соочува. Наместо да се бориме за заедничка и подобра иднина, ние отвораме прашања од минатото, а некои од нив имаат корени во средниот век. Ние како влада ќе опстоиме на она што претставува наш корен, ќе останеме на линијата на македонскиот идентитет. Тоа е црвената линија и нема ни милиметар да отстапиме, рече премиерот по богослужбата.
Тој нагласи дека ликот и делото на Делчев мора постојано да се пренесуваат на идните генерации, затоа што вредностите за кои се залагал, според него, и денес не се целосно почитувани.
– Да се сеќаваме на неговиот лик и дело и на тој начин тој лик и дело биде пренесен и на генерациите коишто доаѓаат по нас, бидејќи вредностите во кои што верувал нашиот великан Гоце Делчев. Тој бил пред времето и како таков оставил неизбришлива трага во македонската историја и македонскиот идентитет, нагласи премиерот.

Како претседател на македонската Влада ќе опстоиме на она што претставува наш корен, ќе опстоиме на линијата на македонскиот идентитет и од тоа нема да отстапиме, изјави премиерот Христијан Мицкоски пред гробот на Гоце Делчев.
На прашањето што очекува од новата бугарска влада на чело со Румен Радев, Мицкоски вели дека не очекува значителни промени, но дека македонската Влада е подготвена за разговори на кои ќе се соочат аргументитe од двете страни.
Ако ме прашате лично мислење – не очекувам воопшто да се промени атмосферата. Напротив очекувам истата таа атмосфера да се вжешти затоа што сè уште имаме структури и политички, но и општествени кај нас дома коишто се подготвени да коленичат пред бугарските власти и да бидат мекото ткиво на македонската надворешна политика. Сè додека има такви политички структури и општествени сили јас не очекувам промена на односот на нашиот источен сосед. Но ние како влада сме секогаш подготвени на билатерални, мултилатерални разговори и да ги соочиме нашите аргументи и се разбира оние аргументи што ќе преовладаат, ние сме подготвени да ги прифатиме исто како што очекуваме и спротивната страна да ги прифати нашите аргументи ако преовладаат, изјави Мицкоски.
Според премиерот македонскиот народ и во 21 век се соочува со проблеми со признавање на идентитетот и јазикот.
На новинарско прашање дали власта се подготвува за внесување на Бугарите во Уставот, како што деновиве тврди опозицискиот СДСМ, Мицкоски рече дека некои прашања не заслужуваат одговор.