140 години од раѓањето на Милтон Манаки: Изложба во рамките на Фестивалот на нем и класичен филм

Кинотеката на Македонија ја чествува 140-годишнината од раѓањето на Милтон Манаки. По тој повод, во фоајето на Кинотеката, во текот на времетраењето на Фестивалот на нем и класичен филм (31 август – 7 септември) се изложени дигитализирани фотографии од опусот на браќата Манаки. Автор на оваа изложба е Роберт Јанкулоски (1969), фотограф, режисер, кинематографер и проучувач на историјата на фотографијата на овие простори.

Милтон Манаки (9.9.1882, Авдела, Грција – 5.3.1964, Битола, Македонија) и неговиот постар брат Јанаки (1878-1954) се филмски пионери не само во Македонија туку и пошироко на Балканот. Јанаки, кој работел како професор по цртање и калиграфија, во 1989 во Јанина отворил фотографски дуќан и тука почнува заедничката работа на браќата. Милтон го изучува фотографскиот занает токму таму под менторство на својот постар брат Јанаки. Во 1905 година браќата се селат во Битола, тогашен Монастир – важен политички, економски и културен центар во Румелискиот вилает на Отоманското Царство, каде што го отвораат познатото ателје за уметничка фотографија. Речиси петнаесет години подоцна го градат и го отвораат киното „Манаки“, кое со кратки периоди на затворање (поради пожар, банкротирање и слични непогоди) работело од 1921 до 1939 година.

Во 1906 година учествувале во големата јубилејна изложба во Букурешт, Романија, каде што биле наградени во неколку категории за своите фотографски достигнувања, и од романскиот крал Карол I биле назначени и за официјални фотографи на кралскиот двор. Според сеќавањата на Милтон, некаде во тоа време Јанаки од Лондон ја донел и филмската камера – производство на компанијата Charles Urban Trading – и тоа 300-тиот примерок од серијата BIOSCOPE. Со неа почнува кинематографијата на Балканот и со таа „Камера бр. 300“ тие најпрвин ја снимиле својата баба Деспина како преде волна во Авдела, а набргу потоа и цела низа настани, народни обичаи, свадби и погреби, познати и историски личности, делегации, кои наминувале случајно или намерно во регионот што во тој период минувал низ турбулентни години исполнети со војни, судири, политички превирања. Посетата на турскиот султан Мехмед Решад V, потоа на српскиот крал Петар и принцот Александар, на грчкиот крал Константин и принцот Павле, погребот на грчкиот владика Емилијанос, турските репресалии по Илинденското востание, доаѓањето на англиските и француските генерали по завршувањето на Првата светска војна, парадата на Широк сокак во чест на Младотурската револуција и многу, многу други настани биле засекогаш запишани на филмска лента благодарение на браќата Манаки.

Но, и преку нивниот фотографски објектив се овековечиле речиси сите позначајни битолчани, многу занаетчии и еснафи, воен персонал од сите војски што поминеле на оваа територија, победници и поразени, здрави и болни, богати и сиромаси, освојувачи и поробени, револуционери и функционери. Фотографирале насекаде во регионот, па и во Пловдив, Корча, Гревена, Авдела, Солун итн.

Милтон Манаки во 1960 година станал пензионер, носител на илинденска пензија.

Во 1955 година Милтон на Државниот архив на ФНРЈ му понудил 1.500 метри филмски материјал. Во 1965 година, една година по смртта на Милтон, постигнат е договор меѓу сопругата и синот на Милтон со Собранието на општина Битола за откуп на филмската камера „Биоскоп 300“, проекционен апарат, 8 фотографски апарати, 6.000 негатив плочи, 1000-2000 делови од плочи, поголем број фотонегативи, фотографии од разни формати, преписка, дипломи и друга документација

Во 1976 година, по основањето на Кинотеката на Македонија, филмските ленти се предадени таму на чување и во текот на изминативе децении тие беа реставрирани и заштитени со изработка на архивски копии, а во 2011 година и дигитализирани, дигитално реставрирани и прогласени на национално културно наследство.

Фотографскиот опус, пак, денес се чува во Државниот архив, односно во одделението на Државниот архив во Битола, а со заложба на Роберт Јанкулоски и Македонскиот центар за фотографија (МЦФ) – поголем дел од овие материјали е и дигитализиран, па и прикажан во рамките на неколку тематски изложби на Балканот и во Македонија.

Останати вести