Петнаесетгодишната руска суперѕвезда на уметничкото лизгање Камила Валиева се наоѓа во центарот на првиот голем допинг скандал на Зимските олимписки игри во Пекинг откако руските медиуми објавија дека имала позитивен тест кој наводно бил направен пред Валиева да победи на Европското првенство во Естонија минатиот месец.
Валиева беше дел од рускиот тим кој освои златен медал во екипна конкуренција, пред САД и Јапонија, но доделувањето медали беше одложено поради необјаснети законски причини. Валиева на тој настап го изведе првиот четирикратен скок во олимписката историја.
Руските весници „РБЦ“ и „Комерсант“ објавија дека Валиева била позитивна на „триметадазин“, лек против ангина и вртоглавица, кој може да го зголеми протокот на крвта и да ја подобри издржливоста, поради што се наоѓа на листата забранети супстанци на Светската антидопинг агенција (ВАДА). Прославениот кинески пливач Сун Јанг доби тригодишна суспензија во 2014 поради користењето на овој лек.
Случајот дополнително се комплицира со фактот дека Валиева има само 15 години. Според правилата на ВАДА, имињата на малолетните прекршители на допинг правилата не треба да се објавуваат јавно.
Но понова информација од Пекинг вели дека руската лизгачка Камила Валиева ќе може да продолжи со натпреварувањето на ЗОИ затоа што ѝ е укината суспензијата.
Руската антидопинг агенција ѝ ја укинала привремената суспензија на Валиева, откако еден ден претходно Светската антидопинг агенција во Стокхолм потврдила негативен тест.
„Валиева се жали на привремената суспензија и руската антидопинг агенција ја укина, па со тоа оваа спортистка може да продолжи со натпреварувањето на Олимписките игри“, соопшти Меѓународната агенција за тестирање.
Меѓутоа, Меѓународниот олимписки комитет (МОК) веднаш испрати жалба на оваа одлука, па за судбината на 15-годишната сензација ќе решава Судот за спортска арбитража.