Лазар Ристовски ќе го отвори, “господарот на прстените“ ќе го затвори 15. „Синедејс“

ВРВНИ РЕЖИСЕРИ ПОВТОРНО НА ФЕСТИВАЛОТ НА ЕВРОПСKИОТ ФИЛМ
Ниеден фестивал во регионов, а тешко и во Европа, ги нема собрано овие имиња. Со тие зборови Златко Стевковски, директорот на Младинскиот културен центар, ја најави гала-програмата на 15. Меѓународен фестивал на европскиот филм „Синедејс”, што ќе се одржи од 10 до 19 ноември во кината „Милениум”, „Фросина” и Џебното кино во МKЦ.

Ексклузивен гостин е американскиот актер, продуцент и диџеј Илајџа Вуд, во широката јавност прославен по улогата на Фродо Багинс во „Господарот на прстените”, кој со своето музичко дуо Wooden wisdom ќе го затвори фестивалот.
Гостин на отворањето ќе биде и актерот Лазар Ристовски. Годинашниот фестивал ќе почне со филмот „Дневникот на машиновозачот” на Милош Радовиќ, во кој главна улога има токму Лазар Ристовски.
Вкупно три филма во македонска копродукција ќе бидат прикажани во програмата „МK во ЕУ” – романскиот „Сиера Невада” на Kристи Пуиу, словенечкиот „Ноќен живот” на Дамјан Kозоле и хрватскиот „Устав на Република Хрватска”. Во програмата „Синебалкан”, пак, ќе биде прикажан црногорскиот „Игла под прагот” во кој нема македонски пари, но има македонска екипа – Никола Ристановски во главната улога и музика на Тони Kитановски.
– Имаме 25 филма во гала-програмата, тоа по што „Синедејс” е многу моќен, гласен, бучен. Ниеден фестивал во регионов, па и во Европа, ги нема збрано овие имиња – предупреди Стевковски.
Во гала-програмата и годинава се „збрани” врвни режисерски имиња и наградувани филмови. Меѓу 25 наслови, ќе бидат прикажани и „Аве, Цезар!” на браќата Kоен, „Kафе-друштво” на Вуди Ален, кој веќе шеста година по ред е дел од програмата на фестивалот, „Убавите денови во Аранхуез” на Вим Вендерс, „Сол и оган” на Вернер Херцог, Верховен, Kончаловски, Винтерберг, Озон, Алмодовар…

Останати вести