20 години од Рамковниот договор во Охрид: За кого победа, за кого пораз

Во Скопје се одржа меѓународна конференција “Потака од Охридскиот договор“ по повод 20 години од неговото потпишување (13 август 2001) со што се стави крај на воениот конфликт инициуран од УЧК за отцепување на делови од Република Македонија и “ослободување од словенското ропство“. Така барем пишуваше во првите пет коминикеа издадени од штабот со кој раководеше Али Ахмети. Подоцна, по средбата во Призрен со американскиот посредник Питер Фејт се смени наративот – наместо за поделба на државата да се зборува за поголеми права.

По делумно успешната офанзива во Липковско на АРМ (пропадна поради користењето на цивили како штит) и неуспехот за освојување на Арачиново, во јули 2001 се постигна примирје за да има атмосфера за постигнување мировен договор. За жал токму во тоа примирје загинаа повеќе од 30 македонски бранители (Карпалак, Љуботенски бачила…).

Рамковниот договор што се потпиша во Скопје претходно беше договорен во Охрид, составен од Американците а како специјални посредници беа Ален Лероа (за ЕУ) и Џејмс Пердју (САД). Потоа следеше разоружувањето на УЧК (ОНА), формирање на ДУИ во која влезе целиот потенцијал на команданти од УЧК и парламентарните избори на кои тие влегоа во власта и оттогаш до ден-денешен практично не се симнаа (освен 17 месеци во 2006/07 кога ВМРО-ДПМНЕ коалицираше со ДПА а ДУИ го бојкотираше Собранието).

Одбележувањето на јубилејот од Охридскиот договор секоја година се смета за “забава“ на ДУИ. Така беше и оваа година со тоа што на конференцијата беа присутни премиерот Зоран Заев, претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Таљат Џафери, лорд Џорџ Робертсон, Ален Лероа, Питер Фејт… и поранешните премиери Хари Костов и Владо Бучковски.

На прославата не присуствуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ (која е партија потписник и гарант) Христијан Мицкоски.

– Рамковниот договор е завршена работа, а приватни паради во историски најтешки времиња се неприфатливи. Наместо парите да ги пренаменат за други граѓански потреби, одлучиле да слават кога најмалку е време за славење. А во меѓувреме каква е реалноста? Гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово и после 4 години се уште не е реновирана. Нема ниту збор од канализацијата во Другово, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.

ДУИ, пак, иако не е директен потписник на Охридскиот рамковен договор, смета дека тоа е нејзиниот воен плен па ја обвинија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски дека со бојкотот на прославата поттикнуваат на поделба на граѓаните.

ДУИ го коментираше и бојкотирањето на партиите од албанскиот политички блок кои се во опозиција, потенцирајќи дека наместо да застанат до прогресивните сили и сојузниците од САД и ЕУ, се редат зад ВМРО-ДПМНЕ. Од коалицијата Алијансата за Албанците и Алтернатива, пак, реагирајќи на обвинувањата од ДУИ, истакнаа дека не само што не се против Охридскиот договор, туку работат да го заштитат од било каква девалвација од луѓе како нив.

Заев: Северна Македонија е мозаик од различности

Меѓу многумината говорници на конференцијата беше и премиерот Зоран Заев кој рече:

– Северна Македонија е прекрасен мозаик од етнички и други заедници и различности. Почитувајќи ги овие уникатности и истовремено јакнејќи ја институционално нашата држава со преземање инклузивни и позитивни политики, ги поставивме темелите на Северна Македонија како рамноправно општество, рече Заев.

Овој договор, оцени премиерот, донесе нов дух на водење политики – политики кои градат мостови, наместо да ги рушат.

– Охридскиот рамковен договор ја испрати и пораката за меѓусебно разбирање, извинување и простување меѓу Македонците и Албанците и меѓу сите други наши граѓани. Тоа е пораката за соживот, за еднакви граѓани, во заедничката ни Татковина, рече Заев.

Ахмети: Трагична ќе беше поделбата на државата

За лидерот на ДУИ Али Ахмети најголемата потешкотија која ќе беше трагична и за Албанците и за Македонците ќе беше поделбата на оваа држава.

– Тогаш пред 20 години и оваа опција беше на маса и јас сум благодарен на НАТО, Вашингтон и Брисел дека најдовме сила, поддршка против оваа трагична опција со непредвидливи последици за нашите граѓани, рече Ахмети.

Тој порача да ги почитуваме постигнатите договори, да успееме заедниците во оваа држава да бидат господари на нивните судбини, да не ни пречи ниту јазикот, ниту културата на другиот.

– Секое унапредување на јазикот и културата на другиот е напредок на државата. Колку е полојална државата кон граѓаните толку полојални се граѓаните во државата. Имаме уште многу да направиме и ќе направиме. Ние немаме друга алтернатива – рече Ахмети.

Тој истакна дека имаат големи историски одговорности и како политичка партија да работат со луѓето да ги надминат предсрасудите.

Груби: Да беше Заев премиер во 2001 година, ќе немаше конфликт

– Го прашав премиерот Зоран Заев дали тој доколку беше премиер во 2001 година ќе го потпишеше Рамковниот договор? Веднаш ми одговори со цврсто – да. А потоа Али Ахмети ми шепна: да беше Заев во 2001 година, немаше да има војна, рече првиот вицепремиер во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби по повод 20 години од потпишувањето на Рамковниот договор.

Робертсон: Бугарија да ги послуша пријателите и да ја крене блокадата

Поранешниот генерален секретар на НАТО, лорд Џорџ Робертсон во обраќањето на конференцијата по повод 20 години од Охридскиот рамковен договор упати и апел до Бугарија да ја крене блокадата на евроинтегративниот пат на земјава.

– Кога Бугарија бараше членство во ЕУ и НАТО тие имаа добри пријатели во мене и во штабот на НАТО. Бугарија како сосед имаше огромна приодобивка од овој Охридски договор. Доколку конфликтот продолжеше на традиционален начин како што завршува на Балканот, Бугарија ќе ги почувствуваше тие бранови и се уште ќе ги чувствуваше до денес. Денешната ЕУ е составена од земји кои со години и векови биле непријателски настроени. Но, триумф на нашето доба е што овие непријатели денес седат заедно во оваа неверојатна унија на слободни и интегрирани земји. Северна Македонија заслужува да биде таму и се надевам дека Бугарија ќе ги слушне едногласните барања од нивните пријатели и ќе ја крене блокадата за Северна Македонија, апелираше Робертсон, кој укажа дека и натаму е посветен да дава поддршка на земјата како дел од Охридската група за просперитетна иднина.

Останати вести