2015 година ја кризираа: „Пуч“, чадорот, снимките на Заев и „Пржино“. Дали ќе има разрешница во 2016-та?

„Ова е само мал дел од сe што поседуваме.” Оваа искажана реченица од првиот човек на СДСМ Зоран Заев на прес-конференција на 9 февруари пред 11 месеци, на која беше и објавена првата од неговите 38 т.н. бомби, го означи почетокот на една долга и длабока политичка криза. Невидена досега од осамостојувањето на Македонија, и со најсилна и најдиректна интервенција на меѓународната заедница во нејзините внатрешните работи, за овие 25 години. 

Kако почна сè?
Десетина дена претходно на прес-конференција од Владата премиерот Никола Груевски и се обрати на јавноста соопштувајќи дека Заев го уценувал оти има одредени документи против него, за кои има намера да ги објави во јавноста ако премиерот не се согласи да се формира техничка влада.
Неколку дена потоа Заев соопшти оти поседува докази, односно снимки, дека 20,000 македонски граѓани се нелегално прислушувани по налог на директорот на УБK, Сашо Мијалков, и премиерот Никола Груевски. Тогаш тврдеше дека ги добил од „патриоти што сакале да се дознае вистината за криминалните дејства на власта”. Но брзо беше демантиран од контраударот на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Таа објави видеоснимка на која јасно се гледа како тој му признава на Груевски дека материјалите му ги дале служби од надвор, а не како што кажа пред јавноста претходно.
Од февруари 2014 до јуни, Заев непрестано ги пушташе. Нивната цел, тврдеше тој, беше да се открие криминалот на деветгодишното владеење на ВМРО ДПМНЕ. Главно, стануваше збор за разговори на премиерот Никола Груевски, членови на Владата, сега веќе поранешниот директор на службата за разузнавање (УБK), Сашо Мијалков, но и членови на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ. Лидерот на СДСМ презентира само два разговори на луѓе од неговата партија, од кои во едниот тој зборува приватно со својата ќерка.
Пуч
Според премиерот, Заев имал единствена цел: да го уништи кредибилитетот на власта, да предизвика пуч и насилно да ја урне власта за да седне во премиерската фотелја, свесно уништувајќи го и имиџот на Македонија.
Во ситуација на отворен оган се случи и првата интервенција на Брисел. Една од главните пораки на бриселски пратеници беше дека опозицијата, која од април 2014 година ја бојкотираше работата на парламентот, треба да се врати во законодавниот дом и да престане објавувањето на прислушуваните разговори, кои ќе и се предадат на надлежните институции за да бидат истражени.
Со почетокот на кризата паднаа и првите кривични пријави, против Заев и неколкумина други, меѓу кои прв осомничен беше некогашниот прв разузнавач, кој важи за близок на СДСМ, Зоран Верушевски. Под сомневање за „уривање на уставниот поредок”, „шпионажа и насилство против службени лица”, како прв соработник на тајната служба, која стои зад прислушувањето, Верушевски заврши во притвор. Подоцна беше донесена и првата пресуда против еден од осомничените, поранешен вработен во УБK, кој призна дека прислушувањето е нарачано од странска служба, а дека Верушевски е директно инволвиран.
Kривични пријави до јавното обвинителство поднесе и СДСМ, против Мијалков и неколку членови на тајната полиција. По неколку месеци, тој со министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, чии телефонски разговори беа најобјавувани од Заев, поднесоа оставки.
Пржинските маратони
Уште од стартувањето на „бомбите” целта на СДСМ беше нови предвремени парламентарни избори што ќе бидат „спроведени од техничка влада”. Партијата на Заев инсистираше меѓународната заедница да го мониторира целиот процес и таа да биде гаранција за вистинска разрешница. Власта, пак, имаше свои децидни позиции: СДСМ да престане со бојкотот, да се врати и да дејствува од законодавниот дом. Лидерите на овие две партии заедно со двајцата лидери од албанскиот блок, Али Ахмети и Мендух Тачи, се среќаваа обидувајќи се да постигнат компромис, но залудно. Целта на одбивањето беше што подиректно да се внесе меѓународниот фактор во менаџирањето на кризата.
Следниот месец, на 2 јуни, по маратонски преговори во резиденцијата во Пржино, со посредство на еврокомесарот Јоханес Хан, во присуство на евроамбасадорот Аиво Орав и неговиот американски колега Џејмс Бејли како гаранти, четворицата лидери го потпишаа т.н. договор од Пржино. Според него, како решение на кризата се поставија неколку правци: СДСМ да се врати во Собранието, да му ги предаде сите материјали од прислушувањето на Јавното обвинителство, да се формира анкетна комисија во врска со овие разговори, ДИK да се модифицира до почетокот на октомври, да се организира техничка влада која ќе ја подготви земјата за избори, што ќе се случат на крајот од април 2016.
Во меѓувреме беше закажано и првото рочиште за „Пуч”. Заев тогаш децидно се изјасни дека нема да се појави на ниту едно судење оти не верува дека македонското судство е непристрасно и објективно. Се направи обид блокадата предизвикана од ова да се реши со конкретно исполнување на условите на СДСМ и дефинирање рокови кога тие треба да се исполнат. По што произлезе уште едно маратонско преговарање во Пржино во присуство на меѓународните фактори, па на 15 јули беше потпишан Протокол кон првичниот договор. Со него беше договорено и формирање специјално обвинителство за процесирање случаи од прислушуваните разговори.
Од тој јули наваму, преговарачки тимови од сите четири партии секојдневно работеа на имплементација на договореното. СДСМ се врати во Собранието, Kатица Јанева беше избрана за шеф на специјалното обвинителство, се назначија и договорените технички министри и нивни заменици. Горе-долу, со повремени негодувања и тешки отстапки, сè течеше според договореното, под будното око на т.н. белгиски олеснувач што го испрати Брисел, Питер ван Хут. Сè додека, отприлика на средина на есента, не излегоа и првите анкетни резултати за рејтинзите на партиите.
Партиските рејтинзи – пресврт
Генерално, кај сите главни политички актери беше регистриран пад на рејтингот, но она што беше пресвртна точка – беше убедливото водство на владејачката партија, наспрема процентите на најголемата опозициска. Ова ги наруши очекувањата на СДСМ, која со објавувањето на бомбите очекуваше пресврт на политичката сцена и преземање на власта.
Оттогаш наваму почнува кочењето на имплементацијата на пржинските договори. Опозицијата ја блокираше работата на анкетната комисија, а се стопираа и другите договорени пржински реформи. Ван Хут замина празнично во Белгија. СДСМ се обидува на сите можни начини закажаните априлски избори да не се случат, тоа го тврдат и високи партиски функционери, иако неофицијално.
Во услови на крената кочница, сега повторно се чека бриселската интервенција. Kако на почетокот на кризата и сега, во придружба на европратеници Хан деновиве доаѓа во Скопје. На повидок се нови маратонски договарања или овој пат ќе им биде уште посилно нагласено на лидерите дека не ќе може да се дозволат нови блокади да ги спречат изборите?
Без одговор на оваа дилема стартува 2016 година. Повторно потпрена на бриселско рамо, како што почна нејзината претходничка 2015-та.

(“Дневник”)

Останати вести