21 година мистерија: Кој сакаше да го убие Глигоров?

Пред 21 година, на 3 октомври 1995 врз претседателот на Република Македонија, Киро Глигоров, беше извршен атентат. Глигоров го преживеа атентатот со тешки повреди во пределот на главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Исто така, на повредите подоцна им подлегна и Ристо Хаџиманов, пензионер, кој бил случаен минувач покрај местото на настанот.

Нападот е извршен со автомобил-бомба во 9:50 часот на улицата „Македонија”, пред хотелот “Бристол” во Скопје, кога Глигоров со службеното возило се движеше од неговата резиденција кон својот кабинет (тогаш во зградата на Собранието на Република Македонија). Бомбата, поставена во автомобил “ситроен ами 8”, експлодира кога автомобилот на Претседателот минувал покрај неа.
Од силината на експлозијата, “ситроенот” беше целосно распарчен, а делови од возилото се разлетаа наоколу. Експлозивната направа содржела еден килограм пластичен експлозив, со стотици челични топчиња кои имаат смртоносно дејство во радиус од околу 50 метри. Овој автомобил бил намерно избран за поставување бомба, затоа што има тенок лим кој може од експлозијата да се распадне во повеќе смртоносни шрапнели. Еден таков шрапнел и го убил возачот на претседателот. Нападот се случи само еден ден откако Глигоров беше во Белград, на средба со претседателот на Србија, Слободан Милошевиќ.
Ниту нарачателите ниту извршителите на атентатот врз Глигоров сè уште не се познати. Во 1995 година, како еден од можните атентатори, разузнавачката служба ја посочила „Ослободителната војска на Македонија” со седиште во Австралија, но потоа се покажа дека немало такво нешто.
Потоа, тогашниот министер за внатрешни работи Љубоми Фрчкоски како нарачатели ги посочи бугарската „Мултигруп”, југословенската „КОС” и т.н. „Братиславска врска”, но не се пронајдени цврсти докази околу нивната вмешеност во атентатот. По ова, шефот на на бугарската „Мултигруп” лично дојде во посета кај Глигоров за да ги отфрли тие шпекулации.
Во април 2008 година беше лиферувана и информација преку дневните медиуми дека организатор на атентатот била албанската организација „Кос”, но оваа информација никогаш не е потврдена.
За обидот за атентат врз него, Глигоров напиша и автобиографска книга „Атентат – ден потоа”, што ја промовираше во 2002 година.
Првиот претседател на независна Република Македонија Киро Глигоров почина од природна смрт на 94 годишна возраст на 1 јануари 2012 година.

Останати вести