Годинава државата како проекти од национален интерес во културата ќе финансира околу 225 фестивали и културни манифестации, од тие со неколку децении традиција, како Охридско лето и Струшките вечери на поезијата, до културни лета во неколку града и локални фолклорни средби.
Најмногубројни во годишната програма на проекти од национален интерес на Министерството за култура се токму фолклорните манифестации, кои се повеќе од половина од поддржаните проекти.
Дваесетина меѓународни театарски фестивали
Во Македонија годинава ќе се одржат 27 театарски фестивали, од кои повеќе од половина меѓународни. Странски театри годинава ќе гостуваат на „МНТ-фест” во Скопје, „Шекспир-фестивал ” во Битола на Деновите на комедијата во Kуманово, но и на фестивалот „Гола месечина” во скопската општина Аеродром, на фестивал во Тетово, Штип, и Меѓународниот фестивал на монодрамата во Битола.
Скопје ќе биде домаќин и на меѓународните фестивали Млад отворен театар, „Скупи фестивал”, Меѓународните студентски средби „Скомрахи” и меѓународните фестивали на пантомима и физички театар ПАНФИЗ, „Лица без маски”, „Игри без маска – театар без дискриминација” и детскиот театарски фестивал на театар на сенки „Сонот на облачето”. Државна поддршка добиваат и фестивалите „Војдан Чернодрински” во Прилеп, Драмскиот аматерски фестивал во Kочани, Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков” во Струмица, Фестивалот на античка драма „Стоби” во Велес, „Актерот на Европа” во Ресен, Ромскиот аматерски фестивал „Скриени лица”, Меѓународен фестивал „Албански театар во Македонија” во Дебар…
Најмногу фолклорни манифестации
Годинава државата ќе поддржи повеќе од 20 книжевни манифестации и фестивали, од Меѓународната поетска манифестација „Празник на липите” на Друштвото на писателите на Македонија, преку „Доситееви денови” на Српскиот културен центар во Скопје, до меѓународните книжевни фестивали „Букстар” и „Про-за Балкан”.
Меѓу проектите од национален интерес во културата и годинава се традиционалните манифестации со децениска традиција како Скопско лето, „Блуз и соул-фестивал”, детските „Златно славејче” и „Си-До”, фестивалот „Таксират”, Скопскиот џез-фестивал…
На листата со проекти поддржани од државата се и општинските „Макфест”, Фестивал „Дојран лето 2016″, и манифестацијата „Св. Спасо Радовишки’.
Најмногубројни се проектите за фолклорни манифестации, кои зафаќаат повеќе од половина од списокот на финансирани манифестации – од Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови”, до „Фолк-фест” Валандово, фестивали на староградска музика и локални фолклорни средби.