Македонската фолклорна група “Разиграна Македонка”, на 8 октомври, во Квинбијан пред полната сала во Bicentennial Hall го прослави својот 25-годишен јубилеј. Околу 500 луѓе го гледаа настапот на 60 играорци.
Специјално за овој настан имаше група од поранешните играорци. Картите за настанот беа распродадени две недели пред настапот, и доколку имаше и поголема сала и таа можеше да биде исполнета.
Навистина македонската заедница од Квинбијан даде голема подршка за овој настан. А успехот на групата е голема заслуга на кореографот Дарко Андрески и групата посветени луѓе од управата.
Сите можеа да уживаат во сплетот ора што ги претставија играорните групи.
Потпретседателката на КУД “Разиграна Македонка”, Зора Тодороска, е пример на успешната симбиоза на културите. Родена во Австралија од македонски родители, преку играорното друштво ги спојува двете култури и истото го посакува за своите деца. Самата почнала во друштвото од своите 11 години старост, сега игра во првата група, додека нејзините две деца играат во помалите групи.
“Моите деца се родени и израснати тука, и за нас е важно да имаат конекција со културата и традицијата на Македонија”, вели Зора. “Во денешното општество, една од најважните работи е да имаш силна заедница. Овде е како во спортски тим, не зближува сите заедно”.
Му посакуваме на КУД “Разиграна Македонка” уште многу успеси, и понатаму да ја одржува нашата култура во Квинбијан.




