Прослава за 25-от јубилеј од независноста на Република Македонија

Централната прослава по повод 25-годишниот јубилеј на Република Македонија, во организација на Советот на македонската заедница од Викторија, се одржа минатиот петок во “Емералд” рецепција во Томастаун.

Пред присутните се обратија претседателот на Советот на македонската заедница за Mелбурн и Викторија, Зоран Здравески, конзулката на Република Македонија во Мелбурн, Бети Коруновска, Васко Ангеловски од охридското социјално друштво “Св. Наум”, градоначалникот на општина Витлси, Стефан Козмевски и добитникот на Наградата за животно дело “8 Септември”, познатата фудбалска легенда Андон Дончевски.
Во говорот на Васко Ангеловски се присети на силните емоции пред 25 години, кога на Плоштадот Македонија во Скопје се соопштија резултатите од референдумот, а првиот претседател на Македонија г-динот Киро Глигоров на сите им ја честита слободна, суверена и самостојна Република Македонија. Од тогаш државата и нејзините граѓани поминаа 25 години со предизвици, моменти на искушенија, кризи и премрежија, убави настани, лични и заеднички успеси кои сите не водат напред. Ние, денешните генерации Македонци во татковината и расфрлани насекаде низ светот, во дијаспората, ја имаме одговорноста пред новите поколенија да ги сочуваме слободата, мирот и независноста и да сториме сé што е во наша моќ да обезбедиме услови за подобар и попросперитетен живот во нашата Република Македонија. Ја сочувавме Македонија од војна, кога гореше Балканот пред 25 години, на преминот од еден во друг систем. Сега треба повторно да надвладее разумот и наша единствена религија да бидат мирот, слободата и демократијата! Голем успех би бил кога во една економски посилна Македонија, без политичка и било каква криза, младите луѓе ќе ја гледаат својата среќна иднина, не барајќи го спасот во некои други земји, каде секогаш со срцето ќе бидат во својата единствена татковина – Република Макдонија.
Ние, Македонците во Австралија, поединечно и организирани во нашите македонски друштва и натаму искрено и посветено ќе делуваме за доброто на Македонија, за нејзината меѓународна афирмација и за достоинствен третман на нашата држава и сите нејзини атрибути. Тоа е нашиот завет пред идните генерации Македонци.
Вечерта на манифестацијата беа доделени кристални изгравирани подароци за спонзорите и благодарници на друштва, организации и поединци.
Водителка на програмата беше шармантната Виолета Јовановска, а гостите ги забавуваше групата “Медена” со естрадните уметници Фазли Луик и Татјана Лазаревска.

Останати вести