Пред зградата на Собранието во Скопје се одржа централната прослава по повод 8 Септември – Денот на независноста.
Годинава се навршија 30 години од независноста на Македонија, а по тој повод се одржа дефиле на националните ансабли и културно-уметничките друштва, на рударите, земјоделците, извидниците, здравствените работници, спортистите, пожарникарите, полицијата и армијата.
Обраќање имаа претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собранието Талат Џафери и премиерот Зоран Заев.
За оваа прослава под ковид протоколи беше карактеристично што, покрај официјалните гости и медиуми, беше дозволено присуство само на околу 1.000 граѓани и требаше да приложат вакцинален сертификат или потврда за прележан ковид-19.
Осамостојување изгласано на референдум во 1991 година
Македонија три децении е независна држава, придобивка од историскиот 8 септември 1991 година, ден на заокружување на долгата борба за национална самобитност и државна независност.
На референдумот на 8 септември 1991 година излегоа 72,16 отсто од вкупниот број граѓани со право на глас од кои позитивно се изјаснија 95,09 отсто за суверена и самостојна македонска држава под името Република Македонија.
По затворањето на избирачките места, граѓаните спонтано се собраа на плоштадот „Македонија“ во центарот на Скопје. Идниот прв претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, се обрати кон македонскиот народ со историскиот говор.
– Граѓани и граѓанки на Македонија дозволете вечерва на вас и на сите граѓани и граѓанки на Македонија, да ви ја честитам слободна, суверена и самостојна Македонија – рече Глигоров. Крај него беше и премиерот Никола Кљусев со неколкумина министри и лидерот на ВМРо-ДПМНЕ Љубчо Георгиевски.
