Јубилејот 35 години постоење на Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски” се одбележа со прочуениот бал во “Emerald Reception” во Томастаун.
Вечерта за пријатно расположение на присутните се погрижи живата легенда на народната македонска песна, големиот Наум Петрески заедно со неговата сопруга Зуица Лазова, познатиот клавијатурист Илија Тотоски Тота од Струга и виолинистот на групата „Чардак” – Џеват Рамаданоски, придружени од оркестарот „Легато” од Мелбурн.
За ова друштво имаме пишувано повеќепати и е вистински пример на солидарност и хуманост, за што сведочат стотиците вредни донации и акции реализирани во Македонија, како и големиот број донации во Охрид. Пред присутните се обратија, покрај претседателот Васко Ангеловски, Грета Станоевска в. д. амбасадор на Република Македонија во Австралија, о. Ефтим Бетински и Крсте Наумоски – Мечкар.
Во говорот пред присутните Васко Ангеловски изјави дека друштвото со големо задоволство и одговорност го носи името на својот патрон Св. Наум Охридски и ќе продолжи со својата културно-хуманитарна активност за добробит и промоција на историските, културните и традиционални вредности и богатства на Охрид и Македонија.
Тој им изрази благодарност на сегашните и членовите на поранешните управни одбори, како и на сите донатори и помагатели на активностите на друштвото.
За придонесот кон заедницата и татковината и делувањето, во 2015 година претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов на Охридското социјално друштво „Св. Наум Охридски” му врачи повелба.
Собраните средства од концертите друштвото „Св.Наум Охридски” хуманитарно ги донира и помага на поединци и организации во Македонија. Треба да се спомнат донациите во Оштата болница во Охрид, Геријатрија – Охрид, во Пожарната во Охрид и многу други.
Кумови на годинашната слава беа Петар Џепаровски со фамилијата. За наредната година беше извлечен на ждрепка кумот и тоа ќе бидат Митко и Весна Караѓуле со фамилијата.
Честитки за управата на Охридското друштво “Свети Наум Охридски” за прекрасно организираниот бал. За прв пат сите концерти и балот можеа да се следат и во живо на сателитската ИнТв и ФолкТв.
Зуица пред се има многу убави впечатоци од Австралија и од големата посетеност на сите нивни концерти.
–Мелбурн беше убаво посетен имаше преку 540 луѓе. Видов дека колку и да доаѓаат наши пејачи, се уште постои заинтересираност и се сака македонската песна и музика воопшто. Ова е последниот концерт а ние истеравме навистина преубави вечери. Луѓето си заминуваа презадоволни колку што успеав да видам а сепак се свиреше само македонска музика и тоа мислам дека ми ја наполни душата, истанува Зуица.








