Кинематографери, режисери, актери и други претставници од филмската индустрија од целиот свет по 37. пат ќе бидат заедно на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки”.
Фестивалот се отвори со филмот „Ослободување на Скопје”, македонско-хрватска-финска продукција, во режија на Раде Шербеџија и Данило Шербеџија.
На свеченото отворање на фестивалот, на оскаровецот Џон Сил му беше врачена “Златна камера 300” за животно дело, а од лауреатот Роби Милер беше прочитано поздравно писмо (го прочита Клер Пијман, негова соработничка и авторка на документарен филм за Милер).
– Првиот и најстариот фестивал на кинематограферите од светот ќе понуди исклучително квалитетна програма, а ќе одржат и свој конгрес. Тоа е потврда за концептот и рецептот за уште едно незборавно фестивалско издание, истакна директорот на ИФФК „Браќа Манаки”-Битола, Благоја Куновски. Фестивалската програма годинава ќе се реализира во повеќе објекти на националните културни установи во Битола како што се Музејот, Магазата и Центарот за култура во чии сали ќе бидат емитувани над 150 филмски проекции во различни категории.
Филмовите во конкуренција за награди ќе ги оценува меѓународно жири предводено од Федон Папамихаил, годинешен добитник на специјална „Камера 300″ за особен придонес во светската филмска уметност. За фестивалот акредитирани се над 120 новинари и други медиумски екипи од Македонија, но и од Словенија, Грција, Франција, Босна и Херцеговина, Србија…
Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки” секоја година се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија и со поддршка на Министерството за култура.
Оскаровецот Џон Сил одушевен од Македонија

Австралискиот и светски познат директор на фотографија Џон Сил (John Seale), кој годинава е главна ѕвезда на фестивалот „Браќа Манаки”, во Македонија пристигна пред официјалното отворање и времето го искористи да отиде и до „Св. Пантелејмон” над Скопје, а беше одушевен и од Старата чаршија. Сил заедно со неговата сопруга Луиз се љубопитни да дознаат за историското наследство и културните богатства на Македонија, соопшти организаторот на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки”. Нивен домаќин во Скопје беше почесниот конзул на Австралија во РМ, Зоран Костовски.
Сил снимил дел од најзначајните остварувања на светската филмска уметност, а во 1997 година освои „Оскар” за филмот „Англиски пациент”. Тој ги има снимено филмовите „Талентираниот господин Рипли”, “Сведок”, „Студенгора” (2002), како и незабораниот „Друштво на мртвите поети”. Во 2015 година беше номиниран за „Оскар” и за филмот „Лудиот Макс: Бесен пат”.
На фестивалот во Битола, Џон Сил ќе одржи и мастер клас.