Австралија досега многу подобро се справи од многу од останатите земји со коронавирусот со вкупно потврдени 8,012 случаи и 104 смртни исходи. Единствен исклучок е Мелбурн, од каде вирусот избега од карантинот поради криминалната негрижа на оние што требале да го надгледуваат изолирањето на патниците што доаѓаат од странство.
Викториските власти одлучија минатат седмица над 300 илјади луѓе од северните предградија на Мелбурн да ги стават во карантин до крајот на месец јули со цел спречување на понатамошно ширење на коронавирусот.
Мерките кои што се воведуваат во северните и западните предградија на Мелбурн значи дека жителите повторно ќе мора да останат во своите домови, освен кога одат по набавка на намирници, на доктор или пак доколку негуваат стари и немоќни лица.
„Доколку бидеме обединети во наредните неколку седмици, може да ја вратиме ситуацијата во контрола во сите делови на Мелбурн” – изјави начелникот на медицинскиот штаб Пол Кели.