Во Украина има уште 50-ина македонски државјани, од кои 20 се во Киев. Има проблем и со транспортери кои се на границата на излез од Украина, не ги пуштаат зошто носат руска стока. Возачите се безбедни, во камионите се и се преговара да ги пуштат, рече министерот за надворешни Бујар Османи.
– Нашите очекувања се дека околностите ќе се влошат, наш приоритет е да направиме безбедни коридор за да ги извлечеме нашите граѓани од Украина, рече Османи.
Тој посочи дека имало семејство со осумдневно бебе во Харков, каде се одвиваат најголемите воени дејствија.
– Имавме семејство Стојановски со бебе старо 8 дена во Харков, град на истокот на Украина, каде се одвиваат најголемите воени дејствија. Тие не можеле да одговараат на нашиот повик за да ја напуштат Украина затоа што чекале термин за породување кој што бил на неколку дена пред руската инвазија. Воспоставив комуникација со повеќе министри за тие кои имаат пристап до тој град, кој се наоѓа до границата со Русија. Бевме во постојана комуникација и со семејството со бебето и најдовме начин да ги извлечеме со конвој на ОБСЕ, објасни Османи.
Тој додаде дека Украинската амбасада во Скопје побарала, ако дојдат бегалци, да не им се бараат сертификати за вакцинација, за да не се усложнува работата.
Со помош на Бугарија евакуирани 24 македонски државјани
Бугарската министерка за надворешни работи, Теодора Генчовска соопшти дека Украина организирала четири автобуси со кои се евакуирани над 200 лица како и целиот персонал на нивната амбасадата во Киев и конзулатот во Одеса.
Меѓу евакуираните освен бугарски имало и двајца македонски државјани но и американски, украински како и еден државјанин на Грузија.
Портпаролот на бугарското МНР, Митко Димитров соопшти дека бугарски дипломати помогнале на вкупно 22 македонски државјани на украинско-молдавската и романската граница. Според македонското МНР бројот на евакуирани со помош на бугарската дипломатија треба да е поголем, но веројатно се работи за двојни државјани а Софија си ги калкулира како свои.