Македонската заедница во Австралија деновиве прославува значаен jубилеј – 50 години на македонскaта радио-програма во НЈВ. Најпрво беше најавена како 2ЕА, а подоцна заменета со кратенката SBS. Помина многу време од првото емитување на таа за нас многу важна програма. Јас лично во мојата биографска меморија таа новост сум ја запишал вака: На 13 јули 1975 година за првпат во историјата на државното радио во Сиднеј започна со емитување македонски радио час. Тоа се случи на етничката радиостаница 2ЕА, која беше спонзорирана со државни пари. На тој ден македонските слушатели ги разбудија звуците на грнетата (кларинетот), тапанот, гајдата, кавалот… ги разбудија гласовите на македонските песнопејци Васка Илиева, Никола Бадев, Александар Сариевски, Виолета Томовска… Емитувани беа од македонските спикери: Јован Кокаловски, Загорка и Борис Добросавлеви, Ѓорѓи Бушиноски, Перо Кикиреков, а подоцна им се приклучија Љуба Ѓореска, Љупчо Ристевски, Радица Бојковска-Димитровска, Боби Поповски… И по три децении опстојба, секогаш со спикерите стоеше првиот кординатор на овој радио час д-р Васил Тулевски.
Поради тие причини го побарав д-р Тулевски да ми раскаже каков беше почетокот на организацијата и кои се беа учесници во овој многу важен проект за македонската заедница во Австралија. Приказната почнува вака: „Мислам ова беше иницијатива на владата на Gough Whitlam. Во тоа време министер за емиграција беше харазматичниот Al Grazby. Некаде во првите месеци од 1975 година свика состанок со претставници на повеќе јазични заедници. Јас бев претставник на македонскиот јазик. На тој состанок се одлучи да се отпочне со етничко радио. Јас им кажав дека македонската заедница е спремна да учествува на овој зафат. По овој состанок со група Македонци се собравме во црквата на Bay St. во Рокдаел каде го формиравме одборот кој започна да ја води програмата на македонски јазик. Не знам дали ќе се сетам на сите присутни. Со мене беа Перо Кикиреков, Јован Кокаловски, Ѓорѓи Бушиноски, Зага и Борис Добросавлеви, Николче Неделковски, Башевски, конзулот Перо Чокревски и некој други. Мене ме избраа за кординатор, Ѓорѓи за музички уредник, а за спикери беа избрани Јован, Зага и Борис.
Почетокот не беше лесен бидејќи немавме искуство и матерјали, но и покрај тоа се расчу звукот на македонски јазик, и песна низ брановите на 2АЕ. Првата програма се емитуваше на 13 јули 1975 година од студиото во населбата Фајф Док, а првиот спикер беше Јован Кокаловски. Програмата беше примена од заедницата со воодушевување. Но да спомнам дека имаше и политички отпор, бидејќи таа беше вклучена со другите јазици на тогашна Југославија. Во почетокот македонскиот јазик беше дел од југословенската програма, заедно со српскиот, хрватскиот и словенечкиот јазик, кои се емитуваа еднаш неделно во 7:30 часот. Откако Југославија се распадна македонската програма се осамостои. Голема заслуга за одржување на оваа програма има Перо Кикиреков кој доброволно ги подготвуваше радио програмите.
Додека програмата се раководеше на доброволна база јас останав како кординатор. Подоцна програмата се префрли на професионална база, со платен персонал и мојата должност престана. Од тогаш се случуваа многу промени за кои Зага Добросавлева може да каже повеќе, бидејќи таа беше уредник и спикер повеќе години, се до нејзното пензионирање“, вели д-р Тулевски.
За крај испраќам честитки за овој многу значаен полувековен јубилеј, во кој покрај водителите на програмата се вградија многу личности, друштва и организации со своите дела, одличја и слава. Испраќаме искрени честитки за Јубилејот, за радио SBS што се здоби со слава и почит не само во границите на Австралија туку и ширум целиот свет, зашто звукот на македонската програма преку етерот се пренесува на секаде ширум сите светски меридијани.
Иван Трпоски

