За 53. „Рацинови средби“ конкурирале 18 дела

Педесет и третите „Рацинови средби” ќе се одржат на 9 и 10 јуни во Велес, во организација на Здружението на граѓани Фестивал на античката драма “Стоби”. Во официјалната програма се понудени содржини кои како новина се воведени од лани со цел Кочо Рацин да се приближи како автор и личност и до помладата популација, но и да се анимира стручната јавност.

„Годинава ќе има спектакуларно отворање на манифестацијата на платото пред Спомен-костурницата на 9 јуни. Вечерта ќе биде одржан поетски митинг и балетски перформанс на Олга Панго. Следниот ден Елизабета Шелева ќе води разговор на тема: ‘Љубовната поезија на Рацин’. На завршната вечер, покрај портрети на добитниците, концерт на духовна музика ќе одржи градскиот црковен хор ‘Св. Пантелејмон'” – најави претседателот на организацијата, актерот Васил Зафирчев.
Меѓу содржините се и промоција на муралот „Ленка и тутуноберачите”, дело на учениците од гимназијата „Кочо Рацин” на просторот околу Градскиот саат, како и процесијата „1000 свеќи за Рацин”, која почнува од родната куќа на поетот по улиците на Велес, а завршува до Спомен- костурницата.
Зафирчев информираше дека за наградата „Рациново признание” пристигнале 18 прозни дела кои се издадени помеѓу двете манифестации, а една апликација била отфрлена оти согласно со правилникот наградата се доделува само на жив автор. Жири-комисијата која ја сочинуваат писателот Димитрие Дурацовски како минатогодишен добитник, театрологот Јелена Лужина и професорката Елизабета Шелева ќе го објават добитникот на 6 јуни. За лани востановената награда „Антологија на болката” за најдобра дебитантска збирка пристигнале исто така 18 пријави од кои пет не биле земени предвид. Оваа награда се доделува заедно со издавачката куќа „Култура”, а стихозбирката ќе биде промовирана на вториот ден од манифестацијата.

Сара Тодоровска заштитно лице на 53-тите „Рацинови средби”

Сара Тодоровска, ученичка во гимназијата „Кочо Рацин” во Велес, е избрана за заштитно лице на на годинешните „Рацинови средби”. Сара е избрана меѓу 11 ученички од повеќе средни училишта во Велес кои аплицирале на распишаниот конкурс „Музата на Рацин”. Со заштитното лице на „Рациновите средби” ќе се реализира целокупниот рекламен материјал на манифестацијата: фотосесија, програма, плакат, билборд и видеоспот.
– Целта на конкурсот „Музата на Рацин” е современ третман на Рациновата муза како значајно обележје на неговата љубовна поезија, а воедно афирмација и промоција на младите од Велес и нивно активно вклучување во реализацијата на „Рациновите средби”, соопшти организаторот.

Конкурс на „Рацинови средби” за поезија и на Твитер

Организаторот на „Рациновите средби” објави Конкурс на тема „Напиши љубов во 140 карактери” наменет за корисниците на социјалната мрежа Твитер.
Целта на конкурсот е поттикнување на креативноста, ширењето љубов и промоција и афирмација на љубовната поезија на Рацин на официјалниот твитер-профил на манифестацијата @racinovisredbi.
– Бидете креативни, ширете љубов и твитајте ги вашите љубовни пораки на македонски јазик, со кирилично писмо и хаштаг #pc. За најубавата твитер љубовна порака предвидена е вредна награда која ќе биде доделена на свеченото отворање на „Рациновите средби” на 9 јуни, соопшти ФАД “Стоби” за новиот конкурс кој ќе трае до 1 јуни 2016 година.

 

Останати вести